Прашање што многумина го поставуваат и ги тера на сомнение и дилеми. Алек (Алекс – Александар) Џигеров, Македонец од Канада, кому Македонија му е судбина и преокупација, има видување и аргументи дека Зорба не бил Грк, туку Македонец. Според неговиот текст со наслов „Македонска чорба“, што е напишан на англиски јазик и содржи 24 страници, читателот може да се запознае со интересни претпоставки, тврдења, дилеми, прашања и одговори
Јунакот на Никос Казанѕакис, Алексис Зорба, или Јеоргиос Зорбас, како што му беше правото име, трансформиран преку вистинските уметнички квалитети на артистот Ентони Квин, беше еден од интернационалните и меѓу најславните личности на грчката пропагандна машинерија во дваесеттиот век. Веројатно неговиот лик во романот на Казанѕакис, а тоа го направи Паскал Гилевски со своите високи литературни квалитети во преводот на македонски јазик на оваа значајна книга, особено во филмот „Зорба“, ќе остане вечен во сеќавањата на голем број читатели и вљубеници на филмот во светот.
Меѓутоа, дали „Гркот“ Зорба е вистински Грк? Прашање што многумина го поставуваат и ги тера на сомнение и дилеми. Овој пат ќе се обидеме да дадеме скромен придонес во осветлувањето на ликот на Зорба преку упорноста на Александар Џигеров, Македонец од Канада, кој има видување и аргументи да посочи дека Зорба не бил Грк, туку Македонец.
Инаку, Алек Џигеров е роден во Торонто на 30 јули 1931 година. Неговиот татко Кире Наумов дошол со турски пасош во САД во далечната 1910 година, а се префрлил во Канада во 1914 година како Кире Џигеров. Неговата мајка Велика, пак, дошла во Канада во 1924 година. Алек Џигеров е уметник од Канада, кој живее и слика во провинцијата Нова Скошија, а чии слики висат и ги красат ѕидовите на голем број значајни установи и приватни куќи ширум Канада. Тој има македонско потекло од Беломорска Македонија; по татко од селото Ошчима, а по мајка од селото Желево, Леринско. Џигеров е интелектуалец од висок ранг, човек со ораторски способности и со познавање на историските, културните и научните факти. Тој е Македонец со повеќе докторски и други титули и добитник на голем број награди и признанија. Тој е, исто така, познат општественик и еден од иницијаторите за формирањето на Канадско – македонската федерација во Торонто. Алек (Александар) Џигеров е една од личностите во дијаспората кому Македонија му е судбина и преокупација.
Според неговиот текст со наслов „Македонска чорба“, што е напишан на англиски јазик и содржи 24 страници, читателот може да се запознае со интересни претпоставки, тврдења, дилеми, прашања и одговори. Неговите докази се засновани врз англискиот превод на делото на Казанѕакис извршено од Теодора Василис и од многу други извори.
Покрај другото, Џигеров започнува не случајно со измената на имињата и топонимите во Македонија, кои во зависност од окупаторот, биле променувани од државните власти. Особено во тоа предничат грчките власти, кои во 1928 година ги променија сите лични и географски имиња, од македонски на грчки. Така, Џигеров го наведува примерот за Желево, селото на неговите предци, кое веројатно значи „место каде има железо“, или го добило името според турскиот паша „Жељо“. Меѓутоа, името на селото грчките власти го промениле во „Андартикон“, име кое се однесува на Андартите, кои се бореле за слобода против Турците.
Според Џигеров, Алексис или Јеоргиос Зорба е роден во македонското село Килиндрос, кое што е оддалечено 25 километри од Солун и за кое нема податоци дека и во турско време го носело истото име. Јеоргиос Зорба бил роден во 1865 година во Македонија, која до 1912 година била под турско ропство. Од тие причини, вели Џигеров, Зорба не бил роден како Грк, а се поставува прашањето што бил тој?
Во продолжение го коментира текстот под наслов „Проучување на вистинскиот Зорба“ од Ален Лин, публикуван во едно канадско медицинско списание, во кое авторот не одговара на прашањето за етничката припадност на Зорба. Меѓутоа, во текстот е дадено дека татко му на Зорба се скарал со Турците и затоа избегал од селото и се преселил на југ во Грција, каде што и одраснал. Потоа е даден животот на родителите на Зорба и како Зорба се вратил назад во селото на татковото огниште, се вратил на своите корени каде што и припаѓал, се вели во текстот.
Од друга страна, пак, од романот на Казанѕакис се дознава, вели Џигеров, дека Зорба одел по македонските планини заедно со Павлос Мелас, злогласниот убиец на македонскиот род, борејќи се против, како што вели, „бугарските комити“, при што Зорба колел, палел…, но во исто време се каел и самиот себе си се нарекувал „свиња“ за неделата што ги правел. Затоа, по војната од 1912 година, Зорба се повлекол во еден манастир на Атос, исто како својот татко. Но, не можејќи долго да остане, си заминал. Потоа, Зорба се сретнал со авторот на романот, Никос Казанѕакис, со кого планирале да отворат и да работат во некој рудник на југот во Грција. Тоа го направиле повеќе од причини што сакале да ја избегнат воената обврска за време на војната од 1914 до 1918 година. Исто така, авторот вели дека Зорба и Казанѕакис се сретнале на пат за Русија, од каде што по враќањето Зорба засекогаш се населил во во градот Скопје, во Македонија каде што живеел до својата смрт во 1942 година, на возраст од околу 77 години, а е погребан на гробиштата “Бутел“ во Скопје.
Се поставуваат прашањата: „Зошто Зорба во педесеттите години од својот живот се доселил на север во Македонија? Зошто тој не отишол на југ? Дали отишол во Македонија и го избрал народот со кого имал заедничка култура, народот со кој се чувствувал близок? Беше ли тој Грк меѓу Македонците или беше, едноставно, само Македонец?
Има и некои прашања во врска со името на Зорба, вели Џигеров. Се знае дека историското име на вистинскиот јунак било Јеоргиос Зорбас и дека умрел близу Скопје во 1942 година. Книгата на Казанѕакис била публикувана на грчки јазик во 1946 година, во екот на Граѓанската војна во Грција, под наслов: „Животот и делото на Алексис Зормпа“. Значи, не Зорба, туку Зормпа? Колку необично? Според тоа, оригиналот на книгата не беше „Зорба Гркот“. Која е вистината?
Меѓутоа, во 1952 година, кога книгата првпат била преведена на англиски јазик, насловот е изменет во „Гркот Зорба“, а под тоа име е филмувана во 1964 година. Тоа придонесе ликот на тој селанец да стане познат во светот. Всушност, англиската верзија на книгата и филмот го вивна Зорба во облаците и стана легендарна личност, вели Џигеров. Но, зошто е променето името? Зошто, пак, првиот превод е на англиски? Зошто?
Исто така, нема подобар доказ, вели Џигеров, за етничкиот идентитет на Зорба од текстот во самата книга на Казанѕакис. Имено, на главната личност на романот, пред Казанѕакис да го открие неговото име, ù се нуди да работи како готвач, на што човекот вели:
„Можам да направам супа за која никогаш не сте слушнале, ниту сте помислиле…“ Дали со тоа Казанѕакис, пренесува Џигеров, не ја пушта првата претпоставка за името и тоа на Зорба на грчки, а Чорба на македонски? (Инаку, Грците за англиските зборови „фиш“ и „чипс“ велат „фис енд ципс“ (риба и чипс – компирчиња), а за македонскиот збор ’може’ велат ’мозе’, итн. Кога го прашале за името, човекот одговорил:
„Се викам Алексис Зорба,“ вели Казанѕакис. Понекогаш ме викаат и „фурнаџиска лопата“, бидејќи сум тенок и главата ми е сплескана како питулица во тава или ме викаат Паса Темпо, бидејќи едно време продавав семки. Ме викале и променлив, бидејќи каде и да отидев, останував со моите итрини. Но, сето тоа нека го јадат кучињата! Имам и други имиња, ама вие ќе ги оставите нив за некои е друго време…“ се вели во англиската верзија, раскажува Џигеров.
Според тоа, вели Џигеров, Зорба имал многу прекари! Чудно е тоа што со прекарите Казанѕакис направил една нитка и вели:
„Сè во овој свет има скриено значење… луѓето, животните, дрвјата, ѕвездите… Тие сите се хиероглифи…“ Но, во романот, исто така, и Зорба зборува сам за себе и вели: „О, извонреден Славјанину, можеш да живееш илјада години!“ коментира Џигеров и додава: Дали Грците се Славјани? Македонците се Славјани!
Џигеров пренесува дека Зорба пеел македонски песни кои биле синтеза на поезија, музика и мисла, како што авторот на книгата ги опишува нив. Но, Зорба не пееше македонски песни во филмот. Зошто? Авторот на романот го моли Зорба да пее и му вели: „Испеј ја македонската песна за твојата земја, Зорба.“ За која земја? – прашува Џигеров.
На друго место во преводот на англиски јазик, Казанѕакис вели: „Не заборави, Зорба е странец (Македонец), а голема срамота е тоа што ние од Крит можеме да кренеме рака против гостинот на нашата земја“… На друго место, Зорба вели: „Вие од Крит и јас, Македонец, ќе ја имаме оваа планина; ние ги победивме Турците, нели?“
Меѓутоа, пренесува Алек Џигеров, дека најголем доказ за името на Зорба е писмото што тој го испратил од Романија, на кое се потпишал као Алексис Зорбеску, а подоцна на Казанѕакис му испратил поштенска картичка од Србија на која се потпишал како Алексис Зорбиќ. За последен пат Казанѕакис слушнал за неговиот јунак и пријател од писмото на еден директор на некое училиште во Скопје, информирајќи го дека Алексис Зорба починал.
Покрај другото, се поставува прашањето зошто Казанѕакис го исфрлил името Јеоргиос, а го прифатил Алексис? Дали само поради звучноста, дали тоа не го направи за подобро да ѕуни во главите името кое е земено од примерот на Александар Велики (Македонски)? А, бидејќи Алексис значи заштитник, чувар, дали Зорба во книгата на Казанѕакис не значи заштита? Кому? Дали на македонскиот дух? Иницијалите на јунакот ’А.З.’ укажуваат на почетокот и на крајот на азбуката, на вечно библиските ’алфа и омега’? Што значи тоа? Дали Казанѕакис, криејќи го вистинското име, не испраќа скриена порака за името на јунакот? Дали авторот на романот го направи она што Зорба го направи со писмото и со поштенската картичка испратени од Романија, односно од Србија? – прашува Џигеров.
На крајот од сите овие дилеми, прашања и скриени одговори, Алек Џигеров му поставува голем број прашања и на авторот на романот. Покрај другото, вели: „Дали треба да го разбереме „Зорба Гркот“ како маска, како комична маска што ја имаше Јеоргиос, или како трагедија на македонскиот селанец во Северна Грција? Како што?“ Па во продолжение вели дека авторот Казанѕакис починал во Фрајбург, Германија, на 26 октомври 1957 година. Неговото тело било донесено во Атина за да лежи во татковината. Зошто во неговата татковина? Меѓутоа, поглаварот на Грчката православна црква во Атина одбил да се даде национална почест. Затоа и Џигеров завршува со зборовите дека за целата историја на книгата и на филмот, Јеоргиос Зорба и Никос Казанѕакис би се смееле и би плачеле од смеење додека би јаделе од јадењето што заеднички го правеа, а кое се викаше домашна селска супа наречена чорба. А ние ќе заклучиме со зборовите на ученикот Децимус Јулиус Јувеналис кој рече: „Quit Quit Audent Grecia Mendex“, т.е. „Лажливата Грција може сè, дури и историјата да ја фалисфикува.
- Текстот за Зорба Гркот е објавен во книгата “Печалбарски копнеж“, на Славе Николовски – Катин, Матица македонска, Скопје 1993,53-57
Славе Николовски – Катин