Огненовски за МИА: Демократи е против национални политички партии, важни се сите граѓани подеднакво

Функционална држава, држава каде судството, јавното обвинителство и полицијата ќе работи во интерес на граѓаните, а не во интерес на криминалците. Да се врати украденото од народот, да се донесе една изборна единица со отворени листи, да се намали бројот на пратеници во Собранието, да се креира светско здравство, економија, образование, наука, иновации. Да добиваат помош старите, сиромашните, луѓето со посебни потреби, самохраните родители. Животна средина каде ќе дишеме чист воздух, се дел од заложбите на политичката партија Демократи кои би ги исполниле доколку добијат можност по парламентарните избори што ќе се одржат на 15 јули годинава.

Претседателот на оваа партија Јорго Огненовски, а воедно и носител на листата во изборната единица 5, во интервју за МИА нагласи дека најважно е да се работи за сите граѓани, независно од националноста и религијата, буквално за сите.

– Ние како политичка партија сме против национални политички партии, ние не препознаваме македонска, албанска, бошњачка, ние велиме партиите во Македонија треба да бидат партии на Македонија, каде сите граѓани ќе учествуваат. И тие, како партии на Македонија, граѓански партии, треба да работат за доброто на сите граѓани и на државата, посочи Огненовски.

Како главен приоритет доколку добијат можност по изборите ги наведе економијата и здравството. Посочи дека ќе изградат десет клинички центри помали, современи, низ целата земја за да не мора граѓаните од другите градови да доаѓаат до Скопје, затоа што, како што нагласи, понекогаш се работи за минути и секунди да спасиш човечки живот. Во насока на подобрување на економската состојба во државава, Огненовски, смета дека е потребно да се градат фабрики и фирми каде се ќе се произведува во финален производ.

Во земјава, смета тој, е креирана криминална политичка структура која се инфицира, и го инфицира судството, полицијата, царината, јавното обвинителство.

Очекува граѓаните да излезат да гласаат, за, како што истакна, квалитет, за чесни луѓе, со богата биографија, луѓе кои не биле политичари и не учествувале на каков било начин во уништувањето на државата.

Целосното интервју со претседателот на политичката партија Демократи Јорго Огненовски во прилог:

Привршува изборната кампања. Остануваат уште неколку дена да ги презентирате своите програми пред гласачите. Ќе може ли накусо, ударно да наброите пет клучни работи со кои сметате дека ќе ги привлечете гласовите на граѓаните?

Број еден, Демократи сакаат да креираат функционална држава. Што тоа значи? Нашиот политички систем на некој начин е озаконет, криминален, политички систем. Пример погледнете што се случува, што ние сакаме да промениме. Изборниот модел, една изброна единица со отворени листи, затоа што тогаш ние како граѓани – гласачи имаме тотална деморкатија да заокружиме квалитет, а не како денес што ни се нуди бројка политичка партија. Се разбира криминалот, политичкиот криминал како најопасна форма криминал што поттикнува, стимулира и поддржува секаков вид друг криминал треба да се уништи од корен. Најважна работа, во тие пет точки е економијата, без економија ние не можеме. Младите заминуваат масовно, према Светската банка илјада работоспособни граѓани, млади луѓе, повозрасни, заминаа во последните десет години. Без економија не може. Не може никоја сфера од општеството да ја развиваме, дали е тоа здравство, образование, наука, иновации, инфраструктура, животна средина, социјала, не може, нема пари. Пензиите денес се зборува нормално дека ќе се покачат, нема да се покачат, тоа не е ни важно…Од каде пари за пензии? Значи мора да креираме економија, вработување со висок стандард. Во овие точки многу е важна животната средина. Зошто? Затоа што колку и да имате пари, колку и да е оваа земја убава, ако ве трујат, како што не трујат со нечист воздух, ние како граѓани умираме. Доста луѓе се заболуваат, некои и ќе умрат се разбира за жал, некои ќе се мачат со триста болести. Тоа е нешто најважно, како и социјалата. Ние треба да креираме систем каде нема да зависиме од барање некој на телефон па тој да помогне на самохрана мајка, на некој болен или постари луѓе кои имаат преоблеми со здравје, луѓе со посебни потреби…Ние денеска имаме катастрофална состојба со луѓето со посебни потреби. Тие системски треба да се променат и се разбира, на крајот треба да водиме една моќна, надворешна политика. Да не дозволиме наводно некој да не гази или да ни менува или диктира. Ние сме суверена држава и по законите и светски и наши знаеме добро дека никој не може да ни каже како ќе се викаме, каква историја ќе имаме, затоа што тоа не може никој да го промени. И се разбира тука оваа политика што ја водиме, домашна, значи треба да се работи за интерес исклучиво на граѓаните, народот и државата.

Ќе може ли да ни го кажете главниот проект на кој се фокусирате и кој би го реализирале доколку добиете можност по овие избори?

Ние имаме повеќе главни проекти, морам да споменам некој проект се разбира. Пример зборуваме за здравството, и тука ја вклучувам се разбира и економијата. Ние денес сакаме со 500 милиони евра и повеќе да изградиме еден мамутски клинички центар во Скопје. Не, ние велиме вака како Демократи – Ќе изградиме десет клинички центри помали, современи, низ Македонија што ќе им овозможат на сите граѓани да не доаѓаат во Скопје, понекогаш се работи за минути и секунди да спасиш човечки живот. А ние зборуваме сите да ги носиме луѓето во Скопје. Исто така, три современи клинички центри во Скопје кои ќе бидат распоредени. Затоа што од Драчево, треба да оди во Ѓорче Петров и обратно. Тоа се невозможни работи и нема да дозволиме ние да се изгради овој еден клинички центар, кои владејачките партии го туркаат со години. И се разбира никако да го направат, тоа е чиста лага, манипулација, со нас како граѓани, гласачи, цел живот, веќе 30 години не манипулираат.

Економијата ќе биде најголем предизвик во периодот што следува, имајќи ги предвид последиците од корона кризата. Какви проекти нуди вашата партија во насока на подобрување на економската состојба?

Многу едноставно. Јас сум дипломиран економист, работев и живеев во Америка, како филмски продуцент имав две компании за производство и продажба на филмови во Холивуд, но исто долго време јас работев на берзата, околу 25 години има, помагавме на други луѓе, а и за себе лично. Имам огромно познавање. Без економија нема напредок. Ние треба прво да нудиме нешто на Македонија и на светот. Значи прозиводство. Без производство нема напредок. Треба да градиме фирми, фабрики. Се нешто од околу се врти, приказни кажуваат владејачките партии. Па ние знаете не сме сега комунизам па не смееме да градиме. Епа ние Демократи велиме ќе градиме, наместо како вас да крадеме. И ние велиме ќе градиме затоа што нема да чекаме странски инвестиции ако не доаѓаат. Замислете 10-15 години или не сакаат затоа што сакаат да ги вработуваат нашите луѓе за 200-300 евра. А ние како Демократи нудиме минимална плата денес, а не утре. Како што еве од владеачката партија што се нуди дека наредни четири години ќе постигнеле 40 посто зголемување. Мизерија невидена. Нудиме економија каде ќе произведуваме, пример во земјоделството. Ние мораме да изградиме 30-40 фабрики, помали, мини фабрики. Каде ќе се произведува се во финален производ. Нема да се фрла ни праска, нема ни млеко едно литро да се фрла. Значи што направивме со оваа држава. Ние досега 30 години, не само што ја ограбуваа овие, не само што немаат појма од владеење на една држава и економија, туку напротив ние како Демократи велиме дека треба не на власт, треба со државата да менаџираат квалитетни луѓе. Во Македонија ги имаме во изболиство кои се тргнати настрана. Значи, пак ќе кажам, фабрики, производствени погони, туризмот, инвестирај пола милијарда во туризмот, а не во „Скопје 2014“ во стиропори и такви глупости.

Неспецифична кампања во специфични услови, епидемија на Ковид-19. Како вие се промовирате пред гласачите и доколу во вашата кампања вклучувате и директни средби како се грижите се да биде согласно протоколите?

Ние се држиме максимално, колку можеме по протоколите. Значи каде одиме ние како Демократи, претставници, не одиме во голема група, најмногу од пет до десет луѓе. Носиме маски, нормално. И со граѓаните, гледаме да бидат помала група, некогаш се случува некои од граѓаните да не носат маска. Ние тогаш ги замолуваме да држат дистанца ако сакаат да присуствуваат на собирот. Тотално го почитуваме протоколот, бидејќи јас доста читам на оваа тема, нормално треба да се заштитиме сите граѓани. Јас уште пред четири-пет месеци кога излезе Ковид зборував дека секој треба да носи маска задолжително. Малку луѓето се смееја како тоа маски, гледате СЗО вели не, нема потреба. Да, како нема потреба. Сега и СЗО вели да се носат маски. Зошто? Затоа што ако двајца носат маска, сепак се намалува можноста за зараза. И немаме некој друг начин освен што се рекламираме по телевизиите малку, исто на социјалните медиуми како Фејсбук и другите наши медиуми – портали и на радио. Но, за жал морам да споменам, ова е една прилика. Ние имаме озаконет криминален избирачки законик, систем каде што големите наводно, пак ќе речам, ситни без душа партии кои владееја 30-на години си донесоа закон 90 посто од парите од буџетот за време на кампањата да се додели на нив, додека ние како нови партии, млади партии, добиваме 10 отсто, а исто така 80 отсто од времето на телевизија тие го добиваат и гледам денеска тие имаат по 10, 15 минути, две минути реклами, а ние имаме 10 секунди, затоа што нашето време е скратено, и да сакаш да имаш можност да ја финансираш кампањата не може како што ја финансираат тие.

Сметате ли дека во текот на кампањата има многу лажни вести и црна пропаганда, наспроти повисоко ниво на политичка култура и соодветна презентација на сопствените планови и каква кампања водите?

Ние водиме фер кампања. Ние секогаш ја кажуваме вистината. Дали е нова партија или стара партија, дали била владејачка или не. Ние сакаме да им укажеме на граѓаните преку вистината, кои се овие луѓе кои еве денес, имаме 15 партии кои понудија свои пратеници. И ние велиме секогаш дека за да може за некој да гласаш, нормално да гласаш, треба да дознаеш која е биографијата на лидерот, на луѓето кои ја водат таа партија, на органите, на врвот, за да можеш да донесеш правилна одлука. За жал, да не речам сите, повеќето партии се луѓе кои ги формираат партиите од бивши советници, пратеници, градоначалници и не знам што, министри итн. до премиер. И сите тие луѓе учествуваат 29 години кој повеќе, кој помалку, во уништување на народот. И ние како партија мораме да ја кажеме вистината, а тоа е вистина. Инаку не се служиме со црни пропаганди, лажни вести, сме против тоа, но тоа е незапирливо затоа што си почнале владејачките партии едни со други што е најсмешно бидејќи на допрен глас некој може да те прогонува судски, тие цел ден кажуваат кој колку украл, кој колку ја оштетил Македонија. А досега ниту еден не е упасен за тоа, за жал. Во Врховниот суд понекогаш, некој судија се разбира и во другите судови и во јавните обвинителства, се кријат во фиока делата да застарат, ние овде за жал во Македонија креиравме една криминална политичка структура која се инфицира, и го инфицира судството, полицијата, царината, јавното обвинителство.

ДУИ излезе со мотото прв премиер Албанец, го промовираше Насер Зибери како нивни кандидат за премиер. Како ја оценувате оваа стратегија на ДУИ и што тоа според вас би значело за албанскиот електортат во земјава?

Јас често кажувам дека ДУИ со Али Ахмети ова е една мамка поготово за албанските гласачи, да креираат една тензија, можам да кажам и националистичка, дека мора Албанец да биде премиер. Јас велам, дали е Албанец, Македонец, Турчин, Бошњак, Торбеш, Србин, нека ми извинат другите што не ги споменав, сите народи и народности што живеат тука, секој може да биде претседател на оваа држава, премиер да биде, но тоа треба да се заслужи. Граѓаните да ни ја дадат довербата. А тоа се постигнува на избори и во некоја си коалиција каде ќе се договорат. Ова е чисто нешто каде што гледам дека ДУИ како партија нема ништо добро направено во последните 20-на години, колку владее, а тоа најдобро можат да кажат албанските гласачи, но морам да кажам дека ДУИ или албанските партии или македонските или другите партии, не може да работат „Ние македонските партии – за Македонците“. Не може ДУИ да кажува ние сме албански блок и тоа е најголемиот проблем. Или ние македонски блок па работиме само за Македонците. Треба сите ние да работиме за сите граѓани, независно од националноста и религијата, за сите подобро кажано и ние како политичка партија сме против национални полтички партии, ние не препознаваме македонска, албанска, бошњачка, ние велиме партиите во Македонија треба да бидат партии на Македонија, каде сите граѓани ќе учествуваме и тие партии како партии на Македонија, граѓански партии, треба да работат за доброто на сите граѓани и на Македонија.

Што очекува вашата партија од претстојните избори, евентуално кои би биле вашите опции за коалицирање?

Па видете, ние на овие избори првпат излегуваме, постоиме година и осум месеци како партија, доста се промовираме. Нас медиумите, повеќето национални, телевизии и други медиуми во Македонија не блокираа тотално. Ние не можеме да излеземе на медиумите и да кажеме кои се нашите ставови, сепак секоја новоформирана партија треба да добие шанса, затоа што секој човек може и од улица да е, да даде добар предлог. Ние сме блокирани на тоа поле, ние како партија доста пати се упативме и до медиумите затоа што тоа не е фер. Ние сме единствената партија во Македонија која постои година и осум месеци а сега само што се формираа партии или пред година или две, тие се постојано по тие политички дебати, но за нас Демократи нема место. Но, не може да не запрат, тоа е незапирливо, и ние на овие избори што очекуваме. Ние очекуваме граѓаните и ги повикуваме да излезат и да гласаат, да гласаат за квалитет, да гласаат за чесни луѓе, со богата биографија, луѓе кои не биле полтичари кои не учествувале на каков било начин во уништување и на Македонија, на својот народ, да не зборувам за економија и други работи што ги имаме. Луѓе кои не се политичари, напротив, им дошло преку глава, не можат да седат од страна и да го гледаат ова уништување, а гледате речиси сите партии тоа се такви луѓе кои се занимавале порано со политика, учествувале, не се противеле кога нивните партии уништуваа и народ и нација и држава и кога не обезличија. Демократи се единствена партија, граѓанска во Македонија, која нема опашки од позади, кои јас како претседател 20-30 години сум работел во странство и не знам што е полтиика. И да ме молиш и пет милијарди да ми дадеш јас нема да се занимавам со политика и не сум политичар, но сега сум принуден за доброто на сите нас, нека гласаат за нас, а народот, граѓаните, гласачите ќе одлучат Демократи колку пратеници ќе добијат. Тоа е одлука на гласачот и јас едно ќе кажам дека во конкретниот случај, само по тие услови, секој гласач длабоко нека размислува, затоа што секој глас даден за досегашните партии владејачки, кои 29 години се покажаа на дело што направија за нас, за младите, за возрасните, за старите, пензионерите, економијата и се друго, дали вие ќе гласате за нив, ако да, гласате против вашите деца, внуци, сограѓани, Македонија.

Ваша порака до граѓаните.

Јас би ги повикал граѓаните да ни се придружат во Демократи, да креираме функционална држава, држава каде судството, јавното обвинителство и полицијата ќе работи во интерес на граѓаните, а не во интерес на криминалците. Да ни се придружат, тоа што е политички криминал, да се врати украденото со години што се крадеше од нас, од народот, да се донесе една изборна единица со отворени листи, да се намали во Собранието бројот на пратеници, да креираме светско здравство, економија, образование, наука, иновации, да се грижиме се разбира за старите, за луѓето на кои им е потребна помош, сиромашните, луѓето со посебни потреби, самохраните мајки, да креираме животна средина каде ќе дишеме чист воздух, а не да умираме и ги повикувам да ни се придружат да креираме функционална држава и заедно со Демократи – Македонија еднаш засекогаш и ние, да почнеме да живееме нормален живот каков што заслужуваме. Гласајте за Демократи, заокружете го број 2.