Најдобрата маска на прилепскиот меѓународен фестивал „Прочка 2018“ во Прилеп е маската на гостите учесници од Птуј Словенија, насловена „Коренти“, соопшти претседателот на жирито Хилда Црнеска, воедно претставник на здружението „Прилепски мечкари“.
Жири комисијата ги објави наградените во категоријата традиционални и современи маски. Најдобра традиционална маска е маската „Ратевски бумбари“ од село Ратево, второнаградена е маската „Курајечка крвава свадба“ од селото Куратица, а третонаградена е маската „Стари Страчинари“ од село Мокриево.
Најдобра современа маска на годинашниов карнвал во Прилеп е маската „Аладин и волшебната ламба“ од Прилеп, второто место го освои современата маска „Палави колачиња“ од Пробиштип, а третото место е за маската „Црни кукли“ на средното училиште „Орде Чопела“ од Прилеп.
Странските карневалски групи добија посебни признанија, а со своите маски се истакнаа карневалските групи од Корча, Албанија, од Бела Црква, Србија и од Будва, Црна Гора.
Жири комисијата ги прогласи и најдобрите маски од вчерашниот, детски карневал. Најдобра традиционална маска од детскиот карневал е маскта „Да не дозволиме да ни венеат цвеќињата“,на учениците од прилепското основно училиште „Рампо Левката“, најдобра современа „Свемирски суштества“ од основното училиште „Добре Јованоски“, а за најдобра театрална маска е прогласена маската: Музика за тронови“ од учениците од Крушево.
Според Црнеска и овој карневал понуди оригинални маски, но има потреба да се работи уште понапорно на создавањето нови маски, пред се, од новите генерации кои допрва ќе бидат дел од карневалските случувања.
Прилепскиот меѓународен карневал „Прочка 2018“ завршува вечер со заедничката забава на маските.