Се намалува бројот на пациенти во болниците, нема рестриктивни мерки по изборите

Здравствените власти во Република Северна Македонија најавуваат дека ќе нема враќање на рестриктивните мерки по одржувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули. Ова вчера го најави и министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека кај нас нема најава дека е потребна некаква дополнителна мерка. Во своето образложение за овој став тој  посочи дека за разлика од Србија, каде имаше големи собири на спортски натпревари, кај нас овие собири за забранети.

– Може да се одигруваат спортски натпревари, групни спортови без публика заради тоа што знаеме дека тоа е еден огромен ризик. Во таа смисла и моментот кога треба да се воведе рестрикција, треба добро да се оцени, затоа што во даден момент можеби и е многу доцна, кажа Филипче.

Воедно, истакна дека во последниот период има се помал број пациенти во болници. Просекот на новодијагностицирани според него секој ден се намалува.

– Рестриктивна мерка се воведува тогаш кога ќе се оцени дека има ризик по здравствениот систем и тоа ни беше потврдено од страна на експертот, кој не посети од Светската здравствена организација. Тоа е единствена дополнителна мерка на сите оние мерки што сега важат кај нас, ама не важеа во околните земји, изјави Филипче.

Истовремено првиот човек на здравството во државата напомена дека било каква форма на собир каде што нема да се одржува дистанцата, нема граѓаните да носат маски асполутно е ризик како по здравјето на таму присутните, така и по здравјето на сите нивни блиски.

– Препорака апсолутно имало, има и сега и ќе има и во иднина за секаква форма на масовно собирање. Но, секогаш доаѓаме до истата поента, а тоа е дека огромен дел во целата борба против коронавирусот останува на свеста и совеста на народот. И она што се случуваше во изминатиот период новите случаи вториот бран, почетокот, трансмисијата после тоа го поврзуваме со настани коишто овие превентивни мерки не се почитуваат, рече Филипче.

Министерот за здравство, сепак, кажа дека верува дека во последните денови од кампањата, а и вечерта по изборите кога ќе се знаат резултатите, ќе се почитуват апсолутно сите протоколи.

– Ние практично секојдневно на утринските состаноци на КЗБ разгледуваме различни барања, од организатори на настани на отворено, на затворено, свадбите дали ќе се организираат или не беше прашање пред некој ден. За се важат истите препораки. И повторно ќе се вратам на тоа новите случаи се исклучиво таму каде што мерките не се почитуваат, дециден е Филипче.

Инаку вчера беа направени 1794 тестирања, а се регистрирани се 163 нови случаи на Ковид-19 во. И понатаму најголемиот број на позитивни случаи се регистрираат во Скопје (вчера вкупно 87 позитивни). Од друга страна вчера од Институтот за јавно здравје беше соопштено дека има 230 оздравени пациенти, од кои 126 само од Скопје, каде е и најголемиот бројот на активни случаји во државата, (1.895), потоа следат градовите Куманово и Тетово, односно Штип.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 7.406, бројката на оздравени пациенти е 3.554, на починати е 359, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.493.