Дополнителниот заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски денеска имал средби со жители и пазарџии во општина Кривогаштани на кои, како што соопшти, му се пожалиле на „погубните политики на СДСМ изминативе три години“. Во соопштение тој наведува дека земјоделци и сточари со кои разговарал се жалеле поради неисплатени субвенции за земјоделски култури, за предадено млеко, за откуп на тутун.
– Она што јас во разговорот се обврзав како дел од идната влада предводена од проф. д-р Христијан Мицкоски дека се обврзуваме во првите 100 дена да направиме корекција на закон за тутун се со цел да го заштитиме домашното производство и нормално сите овие заостанати обврски коишто не се исплатени, а требаше да ги исплати владата на СДСМ во наредниот период ќе бидат приоритет за да стигнат до крајниот корисник односно секој земјоделец, наведе Трипуновски.
Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ се обврзуваат и им ветуваат на сите земјоделци, како што вели, дека субвенциите што ги вовеле ќе продолжат да ги исплаќаат, односно 160 милиони евра годишно ќе се исплаќаат навремено до секоја целна група се со цел да се компензираат одредени губитоци и трошоци кои што ги имаат во производството.
-Исто така ветуваме и се обврзуваме дека ќе инвестираме околу 80 милиони евра во делот на водостопанството односно 20 милиони евра на годишно ниво се со цел да стопираме одредени негативни тенденции во земјоделското производство затоа што без систем за наводнување, без вода по полињата не може да зборуваме за рентабилно производство. Едноставно да сумирам – она што го ветуваме дека сите оние програми односно проекти во програмата се реални кои ќе ги спроведеме на терен се со цел да нашата најсилна гранка во економијата, тоа е земјоделството, да биде поддржано да можеме да се развиваме да имаме силни села, да имаме стабилни земјоделци, едноставно во нас ќе гледаат партнери, наведува Трипуновски.
Во однос на откупот на пченицата, за што бил прашан на средбите во Кривогаштани, тој вели дека се уште нема дефинирано цена и ја користи оваа можност да го повика министерот Трајан Димовски и владата на СДСМ да ја дефинираат цената.
-Затоа што е недозволиво да земјоделците ја предаваат пченицата без да знаат по која цена ќе биде платена. Тоа нас ни е стратешка култура, тука треба да има сериозен фокус. Меѓутоа она што изминативе три години бевме сведоци е тотална незаинтересираност во делот на аграрната политика и гледаме дека се одразува и оваа година со откупот на пченицата. Ние ветуваме дека по промената на власта и во овој сегмент ќе интервенираме сериозно за да имаме рентабилна цена на пченицата како наша стратешка култура, додаде Трипуновски.