Филипче и Шекеринска: Кичево добива модерна болница, кадровскo зајакнување со над 40 здравствени работници

Во овој момент во Кичево нема невработен доктор на медицина, што мислам дека е еден одличен резултат на оваа политика на инвестиција во млади лекари и медицински сестри, со цел да не заминуваат од земјава, туку иднината да ја бараат тука. Имајќи ги во предвид и другите мерки, кои како Министерство ги имплементиравме во изминатите повеќе од две години, тоа е платениот стаж во период од шест месеци за младите лекари, во рамки на здравствените домови, сметам дека тоа е една политика која дава резултат. Нема јавна здравствена установа којашто не го зголеми капацитетот за најмалку 15 проценти, што значи дека се вработени огромен број лекари и медицински сестри, истакна денеска во Кичево министерот за здравство Венко Филипе.

Тој, заедно со заменик-претседателката на Владата  и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска ја посетија Општата болница во Кичево, како и болницата која е во изградба на 100 метри од Општата болница.

– Во старата болница, која сега сѐ уште функционира, се донесе медицинска опрема којашто значајно го зголеми квалитетот на здравствената услуга за граѓаните, пациентите од Кичево и целата околина, кои тука добиваат здравствена услуга со години наназад, како што се: еден апарат за лапараскопија, со што се овозможи значајно унапредување во сферата на дигестивната хирургија, пациентите од оваа специјалност повеќе не одат во околните градови, ниту во Скопје и еден современ ЕХО апарат, кој се користи за брза и навремена дијагностика, со што се скратува времето на чекање, за соодветна итна услуга, доколку е тоа потребно, посочи министерот.

Тој потенцираше дека огромен број луѓе се примени во болницата во Кичево во изминатите две ипол години, преку 40, од кои шест се доктори и над 20 медицински сестри.

Исто така, во однос на справувањето со вирусот КОВИД-19,  Филипче информираше дека во болницата во Кичево има одлична организација, има посебен дел за тријажа и мини амбуланта, а дел од кадарот се уште е во системот за ротација, за помош на колегите во Инфективната клиника во Скопје и во ГОБ „8 Септември“. Паралелно, како што посочи, се прави стратегија за надополнување на кадарот со новите дипломирани и лиценцирани доктори и медицински сестри, кои сега доаѓаат, имајќи во предвид дека на есен се очекува уште посилен бран од оваа болест.

– Во овој момент сме пред оваа зграда, која 30 години стои како карабина, две години интензивно работевме на расчистување на проектната документација и други проблеми, коишто ги затекнавме и конечно со одлука на Владата се официјализираше решението да продолжи со градба втората фаза, со што Кичево ќе добие модерна болница, како што граѓаните и пациентите од овој цел регион навистина заслужуваат. Градбата на втората фаза би требало да трае некаде околу две години, што значи дека за две години се ќе биде завршено и соодветно опремено за да добие навистина Кичево здравствена услуга, здравствена заштита, така како што треба, нагласи министерот.

Шекеринска, посочи дека Владата покажала дека инвестициите во јавното здравство биле оправдани и навремени, а воедно го поздрави трудот и енергијата којашто министерот за здравство и неговата екипа ја вложи, прво во обезбедување средства, а потоа и во практично реформирање на целиот систем за да биде подготвен тогаш кога се очекува следниот бран.

– КОВИД кризата ме потсети на нешто што сите требаше да го знаеме, а тоа е дека јавното здравје и јавното здравство нема алтернатива и дека ако сакате да бидат тука и докторите и медицинскиот персонал кога ќе ви затреба помош, кога ќе се соочиш со сериозен медицински здравствен проблем треба во нив да вложувате. За среќа, нашата Влада ги почна овие инвестиции, пред сѐ во човечки капитал, уште во претходниот период. И кога зборувавме за повисоки плати, за зголемен број млади кадри во здравството, и за зголемени специјализации, многумина немаа верба дека тоа навистина ќе се реализира. Меѓутоа, и бројките од Кичево и бројките низ цела држава покажуваат дека навистина тоа што сме го зборувале, сме го мислеле и сме го испорачале како резултат, нагласи Шекеринска.

Воедно, заменик-претседателката посочи дека изминатиот период, 32 единици од здравствениот систем беа реконструирани и тоа заедно со зголемените плати и со зголемените специјализации, како што оцени таа, нѐ направи посилни во справувањето со КОВИД-19.

– Променивме многу во законската регулатива, променивме и обезбедивме 33 милиони евра поддршка на јавното здравство и очекуваме тие веднаш по изборите откако ќе прекинат дел од блокирањата и условувањата веднаш да се инвестираат таму каде што ни се најпотребни. Владата покажа дека при ударна здравствена криза не ја заборава ни економијата ни граѓаните“, истакна Шекеринска.