Мицкоски од Василево: Убеден сум во одлучноста на граѓаните да го изберат десниот пат

Уште од првиот митинг во Охрид кој го одржавме на 24 јуни, се чувствува онаа победничка енергија како се буди оној пиреј во секој еден наш сограѓанин. Затоа, убеден сум во мудроста на моите сограѓани, во одлучноста на моите пријатели дека на 15 јули ќе го изберат десниот пат,ќе го поддржат ВМРО ДПМНЕ и ќе ја поддржат Коалицијата за Обнова на Македонија, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбата со граѓаните во струмичко Василево.

Додаде дека кога неговиот политички противник, Зоран Заеем ќе дојде тука ќе се изнаслушаат многу лаги и невистини, а ќе ја каже и најновата лага дека просечната плата нема да е 30 илјади денари, туку најновата лага е 34 илјади денари.

-Можеа да го подобрат стандардот на граѓаните, само требаше повеќе да работат, наместо да крадат. Можеа навистина да ги донесат и „Гугл“ и „Фејсбук“ и сите оние инвестиции кои практично ги најавува заедно со оној автомобилски гигант, но за жал и тие што ги наследија од претходната влада не успееја да ги задржат, туку домаќини на тие инвестиции се нашите соседни држави, а ние останавме без дополнителни инвестиции, без дополнителни пари за граѓаните, без дополнителни работни места, рече Мицкоски кој го обвини СДСМ дека во оваа кампања го користи нивното лого од локалните избори во 2009 година.

Тој зборуваше и за неправдите кои ги донела владеачката партија, како што рече, со обезличувањето на државата, со откажувањето од историјата, со откажувањето од идентитетот, од културата, од народните обичаи.

Претставувајќи ја програмата со која неговата партија настапува на претстојните избори, претседателот на ВМРО ДПМНЕ рече дека таа е подготвена многу внимателно со сите структури на партијата и експерти, но и граѓаните.

-Таму ќе најдете повеќе од илјади проекти, повеќе од илјада политики. Таму ќе најдете поголема просечна плата, како да дојдеме до неа за 25 проценти од тоа што е денес. Таму ќе најдете како до 4 милијарди евра инвестиции и домашни и странски, таму ќенајдете како да дојдеме до најнизок данок во Европа од 8 проценти и нула данок за секој оној што ќе вработи лице до 29 години.Таму ќе најдете намален данок на додадена вредност за угостителите и хотелиерите, оние кои што се најпогодени од вирусот ковид-19, од 18 на 10 проценти заклучно со 2021 година, таму ќе најдете како да дојдеме до бесплатна партиципација на државните универзитети за студентите за учебната 2020/2021 година и најмалку еден универзитет во првите илјада во светот, Македонија да биде извозник на знаење, а не да биде извозник на високо образован кадар, потенцира Мицкоски.

Пред присутните се обрати и носителот на листата на Коалицијата за обнова во изборната единица број 4, Александар Николоски, кој ја промовираше програмата и најмногу се задржа на мерките за земјоделците.

-Директен удар на „зелената мафија“ преку отворање на можност за формирање на мали средни преторијатија за откуп. На пример 5-6 семејства произведувате , а во некое од вашите семејства има некое дете кое завршило економски факултет или има талент за бизнис, зошто да не се здружите и да не формирате откупно претпријатие и да ги откупувате вашите производи и производите на вашите соседи. Тоа да се случи ќе обезбедиме фонд од вкупно 200 милиони евра бескаматни кредити, вети Николски пред граѓаните на Василево.

На средбата се претстави и кандидатот за пратеник од оваа општина, Дајанчо Ефтимов.