Поради пандемијата со задоцнување од три месеци, НУ „Стоби“ на 1 јули почна со програмските активности од годинашните археолошки истражувања на локалитетот Стоби. Ќе се доистражува Римската порта и југоисточниот сегмент од комплексот градби околу храмот на Изида, а ќе има конзервација и доистражувања на Римскиот театар во Стоби.
Директорот на НУ „Стоби“ Спасе Перовски за МИА изјави дека станува збор за проекти одобрени во програмата за 2020 на Министерството за култура.
Се работи проектот „Изработка на проект за конзервација на археолошките остатоци од Римската порта и сегмент од југоисточен бедем“. Истовремено има и археолошки доистражувања на Римската порта и југоисточниот сегмент од комплексот градби околу храмот на Изида“, а проектот го раководи археологот Јован Радњански.
–Интересно е што таму досега никогаш не било ископувано и затоа очекуваме интересни наоди и научни заклучоци во врска со функционирањето на градот, најави Перовски.
Вторите истажувања се „Конзервација, реставрација, реконстукција и археолошки доистражувања на објектот Римски театар во Стоби“, а проектот го раководи археологот Гоце Павловски.
Перовски најави дека потоа ќе работат на сцената на театарот, а ќе се прави и нова рампа за влез на товарни возила во близина на сцената и од каде директно се слегува во делот на театарот.
Директорот на НУ „Стоби“ планира сите програмски активности предвидени за годинава во Стоби и поддржани од Министерството за култура во рамки на матичните дејности во целост да бидат реализирани до крајот на годинава.
Тој информира дека поради кризата предизвикана од Ковид-19, НУ Стоби донела одлука да врати во државниот буџет 980 илјади денари, пари кои им беа доделени од Министерството за култура за два проекта – „Ретроспективна изложба на Петар Хаџи Бошков“ во визуелни уметности архитектура и дизајн за која беше доделен буџет од 800 илјади денари и „Римскиот театар во Стоби: Студија за кавеата 2000-2019. Едиција: Студии за старините на Стоби, серија монографии книга II“, Гоце Павловски, во издавачка дејност, 180 илјади денари.
-Заинтересираноста на луѓето за Стоби, посветената работа, духот на тимот вработени и времено ангажирани, дава за право сите ние да се увериме дека поседуваме локалитет кој е рамо до рамо со светските археолошки локалитети, паркови и музеи од оваа облас т, потенцира Перовски.
Додаде дека Националната установа за управување со Археолошкиот локалитет Стоби ниту во време на кризата поради вирусот не престанала со активности за популаризација и презентација на Стоби.
Интересно е што еден од тие постови за само еден ден имал 16 илјади прегледи. Станува збор за пост на 3 јули со кој беше соопштено дека локалитетот се отвора за посетителите.