Во галеријата Даут-пашин амам вечерва беше отворена изложбата „Борко Лазески 1917-1993“ во организација на Националната галерија на Македонија по повод еден век од раѓањето на најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија.
На изложбата се претставени шеесетина дела од речиси сите творечки фази на авторот – оригинални дела од помал формат и фотографии од монументите на Лазески, како и скиците т.е. реставрираните фрагменти од неговата „Фреска за НОБ“ која до земјотресот во 1963 стоела во холот на старата железничка станица во Скопје. Маја Чанкуловска-Михајловска е куратор на изложбата која ќе биде поставена до 5 април.
Изложбата е една од активностите од проектот на НГМ за одбележување 100 години од раѓањето на Лазески, кој опфати и промоција на монографија „Борко Лазески 1917-1993“, а ќе продолжи со предавање за овој автор – на 28 февруари во Даут-пашин амам.
Со овој проект Националната галерија на Македонија го почнува и одбележувањето на својот 70-годишен јубилеј. Борко Лазески бил првиот в.д. директор на НГМ, тогаш Уметничка галерија-Скопје.