Јасон веднаш по разговорот со Пелиј ги отпочнал подготовките за одење во Колхида. Со Хироновата и Херина помош и со заштитата на Атина, Јасон, заедно со Арг, кој бил Фриксов син, вајар и градител во подножјето на Пелион во Пагас, го изградил бродот „Арго“ со 50 весла. Потоа ги собрал најдобрите морепловци, главно од еолско потекло од Хепербореја и побарал да му се придружат на овој голем потфат околу тогаш познатиот свет. Биле тоа 50-60 морнари и сите биле големи хероји, а најголем од сите бил Зевсовиот син Херакле, кој бил искусен по авантурите со Евристеј. Грците никогаш порано немале видено таков собир на херои.
Сè било спремно за пловидба и бродот „Арго“ бил спуштен в море, сите залихи на вода и храна биле утоварени, а жртвите на Аполон и на дугите богови принесени. Со коцка биле одредени местата за веслање и Јасон бил прогласен за водич на експедицијата. Вечерта, во пресрет на пловидбата, бил приреден весел пир, а штом утрото хоризонтот се обоил со пурпурна светлост, морнарите се качиле на лаѓата, се фатиле за веслата и „Арго“ од простаништето испловил на отворено море.
Аргонаутите ги подгнале едрата бели како снег, а поволниот ветер од господарот на ветровите Еол им ги надул толку убаво, така што лаѓата јурнала врз брановите. Орфеј ударал по жиците на златната лира и неговата песна се разлеала по морската шир. По кратка и среќна пловидба, Аргонауите стигнале на цветното острово Лемно на кое владееле жени. Тие најпрво ги дочекале јунаците непријателски, но, на крај, нивната омраза се претворила во страсна љубов која оставила бројно потомство.
На натамошното патување, Аргонаутите свратиле на островото Самотрак, каде се впштиле во тамошните мистерии на божицата Кибела кои биле од оргијски карактер. На преминот низ Дарданелите, принеле жртва на Фриксовата сестра Хела и по пат застанале на полуостровот Кизик на кое живееле Долоњани и каде ги примил кралот Кизик. Тој, во нивна чест, приредил весела гозба која траеле цел ден. Аргонатутие, поради неповолното време, останале на Кизик 12 дена. Во меѓувреме, ги нападнале шестораки џинови и во жестоката ноќна борба Јасон, по забуна, го убил кралот Кизик. Грешката била откриена в зори, а по извинувањето биле приредени величествени погребни игри.
Во текот на пловидбата во Пропонтида, Аргонаутите стигнале до Мизија, а потоа до земјата на Бербиките, каде приредиле натпреварување во бокс.
Наредниот ден, Аргонаутите стигнале на источниот брег на Тракија, во земјата на кралот Финеј, кој бил сопруг на Боревата ќерка Клеопатра, со која имал два сина. Бил мудар крал и живеел во благосостојба и среќа, а богот Аполон му подарил моќ да ја прорекува судбината. Финеј, меѓутоа, го злупотребил своето знаење и почнал на луѓето да им ги открива божествените замисли. Зевс, поради злоупотребата, го ослепел, го осудил долго да живее и деновите да му загорчуваат харпиите, полудевојки-полуптици, кои му ја грабале и загадувале храната.
На Финеј му се случил уште еден непријатен настан. Кога децата му пораснале, тој се оженил по втор пат со Едија, ќерка на скитскито крал Дардан од Косово. Маќеата до таа мерка ги мразела затечените деца, така што ги ослепела па заедно со Клеопатра ги фрлила в занданата. На запомагањето на децата, кои секојдневно биле камшикувани, Бореадите Калеј и Зет, заедно со Херакле, ги ослободиле заточениците, а Идеја му била вратена на својот татко во Скитија каде Дардан сам ù пресудил.
Покрај тоа, Бореадите ги протерале и харпиите, а боговите наредиле тие веќе да не се враќаат во Финеевиот дом. Аргонаутите тогаш му поставиле нова трпеза на Финеј и старецот, најпосле, можел да ја задоволи својата страшна глад. На трпезата, Финеј на Аргонаутите им ги открил опасностите кои ги вребаат на патот, особено низ Босфорот и во Колхида и ги посоветувал како да ги совладаат тие опасности. Аргонаутите внимателно го слушале старецот, трудејќи се да запаметат сè што тој им претскажал.
На пловидбата до Босфор, бродот „Арго“ просто јурел на брановите на широкото, пространо море. Ненадејно се зачул шум кој бил налик на фиучење на бура што сè побрзо се приближува, а, со време, тоа фиучење се претворило во грмотевици. Набрзо пред нив се покажале Симплегадските карпи – карпи што се судираат, или црнкастомодри карпи. Аргонаутите забележале дека тие се раздвојуваат и повторно, со страшна бучава, се удираат една во друга, создавајќи бесни вртлози во морето.
Се сетиле на советот на кралот Финеј да пуштат гулаб, па ако гулабот пролета и „Арго“ ќе помине неоштетен. Еден од морнарите пуштил гулабица пред бродот и кога карпите се составиле кубејќи само неколку пердуви од опашката на птицата, а потоа повторно се раздвоиле, охрабрените Аргонаути силно завеслале и прошле помеѓу карпите неоштетни. Членовите на експедицијата биле среќни бидејќи ја избегнале најстрашната опасност, а овие карпи после тоа се зацврстиел на бреговите на мореузот. Пред Аргонаутите било Црното Море кое отпрво се викало Негостољубово Море, а по нивното успешено преминување и поради неговиот плоден брег, преименувано е во Гостољубиво Море.
Доаѓање во Колхида
Аргонаутите долго половеле долж бреговите на Црното Море. Поминале покрај многу земји и виделе многу народи. Биле на островот Тиниј, во земјата на Маријандините, во Пафлагонија и на островот Аретиј, каде излегле на брегот да се одморат. Тука ги сретнале Фриксовите синови, четирите момчиња кои таму, на нивното враќање за Тесалија, ги исфрлила бурата. Тие им се придружиле на Аргонаутите и тргнале со нив во Колхида. Во далечините, како облаци на хоризонтот, се појавиле врвовите на Кавказ. Колхида веќе не била далеку. По течението на реката Фарис влегле во земјата на кралот Ејет, Хелиев син, но овде ги чекале уште многу опасности.
Кралот Ејет со сопругата Идија имал две ќерки, Медеја и Халкија, додека со кафкаската нимфа го имал синот Асприт. Тие живееле среќно и му било претскажано дека успешно ќе владее со Еја, сè додека го поседува златното руно што му го подарил Фрикс од Орхомен.
Откако Аргонаутите се одмориле и принеле жртва на боговите на Олимп, решиле Јасон, заедно со Фриксовите синови, да оди до кралот Ејет и да го замоли да им го предаде златното руно, а доколку, пак, горделивиот крал одбие, дури тогаш да посегнат кон сила. Јасон истапил пред кралот и му ја објаснил причината за нивното доаѓање, а Ејет, во надеж дека Јасон не е доволно спретен да преживее, му го ветил златното руно под услов успешно да изврши неколку задачи.
Најтешка задача била да стави во јарем два диви бика кои имале железни копита и пламен здив и со нив да ги изора нивите и во браздите да ги посее забите на Ареевиот змеј. Овој змеј го убил Феничанецот Кадмо, а од Теба на Колхида го донела божицата Атена која му го подарила на Ејет. Оваа тешка задача Јасон ја извршил со помошта на Ејетовата ќерка Медеја која се вљубивла во него. Медеја му ветила помош под услов да се ожени со неа и да ја одведе во Орхомен. Јасон ù ветил вечна љубов, а Медеја му дала „Прометеева маст“. Таа маст била направена од сок од шафран, растение кое изникнало од Прометеевата крв. Секој што ќе се намачкал со таа маст би станал неповредлив од меч и оган и би стекнал несовладлива сила.
Кога од посеаните заби на змејот изникнале воорушени џинови – Спарти, Јасон меѓу нив фрлил камен, а тие, не барајќи го виновникот, отпочнале лута борба меѓу себе. Оние кои меѓусебно не се убиле, Јасон ги совладал, така што наскоро целото поле било прекриено со нивните лешеви и со тоа потфатот бил извршен. Кога Јасон го побарал златното руно, Ејет одбил да го испочитува дадениот збор.
Тој му се заканил на Јасон дека ќе го спали „Арго“ и ќе го убие целиот екипаж. Медеја, во меѓувреме, го одвела Јасон и неговите другари-Аргонаути во Ареевото браниште, каде златното руно висело на дрво што го чувал еден одвратен, бесмртен змеј, роден од крвта на чудовиштето Тифон. Медеја, со своите маѓии, го успала змејот за да може Јасон кришум да го откачи златното руно од буковото дрво и потоа заедно побрзале накај брегот каде ги чекал бродот „Арго“.
Продолжува
Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН