Ветувања за правна држава, нулта корупција, за повисоки плати, вложувања во здравството, инфраструктурата, економијата и земјоделството, во младите и поддршка за занаетчиството испорачаа политичките субјекти во земјава на десеттина дена пред 15 јули кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори.
СДСМ која ја предводи коалицијата „Можеме“ на вчерашните митинзи фокусот го стави на исполнувањето на стратешките цели – членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската унија, а најави и вложувања во здравството.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, вети правна држава, нулта толеранција и испитување на потеклото на имотот на сите политичари.
Албанските партии вчера акцентот го ставија на вложувањата во младите, обезбедувањето на квалитетно образование и бесплатното здравство.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев од Кочани порача дека во изминатите две ипол години донеле храбри одлуки за кои што во изминатите 27 години се немало храброст да бидат донесени и оти благодарение на таа храброст денес земјава е членка на НАТО, има одлука за почеток на преговорите и усвоена е преговарачката рамка од Европската Комисија.
– Ги исполнивме стратешките цели и денес имаме земја признаена од целиот свет во која живеат Македонци, кои зборуваат македонски јазик признат од целиот свет, создадовме пријатели околу нас и отворивме перспективи за идните генерации. Сега сигурно нема да враќаме режим. Одиме напред, затоа што можеме, рече Заев.
Го бара од граѓаните следниот мандат, со, како што рече, отстранети проблеми и создадени сојузници, за да покажат економски резултати и да се реформира правната држава.
– Барам поддршка за втор мандат, да одржиме економска лекција, да покажеме дека имаме работоспособен народ, дека имаме поволна географска положба, дека имаме плодно земјиште, дека имаме едуцирана младина, и да покажеме дека и стандардот може да ни биде како на европските држави. Покажавме во првиот мандат дека знаеме и можеме, затоа можеме и во вториот мандат. Можеме заедно, сите ние кои се определуваме за европски и демократски вредности, рече Заев.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски пред граѓаните на Тетово, Гостивар и Маврово-Ростуше вети правна држава и нулта толеранција и порача дека сите политичари ќе одговараат зошто не може да има држава, ако не се знае кој се богател на грбот на граѓаните.
Според него, мора да има силен правен систем кој ќе го проверува имотот на политичарите. Политичарите, како што рече, мора да бидат пример и да ги почитуваат Уставот и законите.
– Ова не се обични избори, ова е одлучувачки момент и избор помеѓу два концепти, дали ќе избереме неправда, понижувања, срам, криминал, корупција, политичко мочуриште, или пак чест, честитост луѓе кои си ја љубаат татковината, кои ја сакаат Македонија и кои ги почитуваат различностите, но, се сепак горди Македонци, луѓе кои знаат како и имаат визија,рече Мицковски во Тетово.
Кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец, Насер Зибери вети поддршка за младите брачни парови до 35 годишна возраст и развивање на мрежата за предучилишно образование.
-Нашите заложби во овој поглед се многу сериозни. Ние мора да ги насочиме нашите идеи во однос на плановите за поддршка на младите луѓе, во насока на поддршката за младите парови до 35-годишна возраст, кои имаат посериозни потреби и предизвици. Поточно, мора да ја насочиме нашата поддршка кон паровите кои сè уште не го решиле станбениот проблемот – да им се понуди помош во вод на кредит без камата до 20.000 евра, рече Зибери.
Лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села од Дебар порача дека нивната програма е составена врз основа на маките и потребите на граѓаните.
– Се што сме запишале, ќе биде остварено зашто крајно време е да почне обновата. Албанците и другите граѓани немаат повеќе, туку само еден живот и истиот сакаат да го живеат каде што се и тоа достоинствено. Доколку не ги реализираме ветувањата, казнете не по една година на локалните избори, рече Села, кој вети повторно разгледување на, како што посочи, монтираните политички случаи.
Дел од помалите партии на вчерашните средби со граѓаните ветија укинување на новиот Закон за јавното обвинителство, вложувања и поддршка за занаетчиството…..
Партиите и денеска продолжуваат со изборните активности. Својата изборна програма СДСМ ќе ја претстави пред граѓаните на скопската населба Гази Баба и пред жителите на тетовско Теарце, додека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во посета на скопските општини Шуто Оризари, Карпош, Сопиште и Бутел. ДУИ и нивниот кандидат за премиер ќе ја претстават програмата пред младите во Чаир, додека Алијанса за Албанците и Граѓанско демократската унија за денес најавија прес-конференции.