Вкупно 1.814.263 граѓани имаат право на глас, партиските ветувања и препукувања со засилено темпо

Вкупно 1.814.263 граѓани имаат право да гласаат на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 15 јули. Државната изборна комисија (ДИК) вчера го заклучи Избирачкиот список. Во меѓувреме, кампањата продолжува со уште позасилено темпо. Сé погласни се партиските ветувања и препукувања. Покрај претставувањето на програмите, доминираат повиците за масовна излезност, се ветуваат реформи и економски просперитет.

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ синоќа од Струга уште еднаш порача дека земјава е на вистинскиот пат и дека времето на режимот заврши. Според ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, време е за историска победа и за обнова на државата. ДУИ продолжува да ја турка идејата – Албанец премиер, додека коалицијата „Сега е време“ на Алијанса за Албанците и Алтернатива најавува промени.

-Да останеме на вистинскиот пат. Докажавме дека можеме, а можеме уште повеќе и уште подобро. Не само што ги исполнивме целите, туку изградивме и пријателство. Денеска сме членка на НАТО и држава со одлука за почеток на преговорите. Сите фронтови пред нас се отворени и сите мегдани ни се на дофат, а враќањето на режимот нема да се случи никогаш повторно. Изминативе 2,5 години носевме храбри одлуки, без да се калкулира за личниот и партискиот рејтинг, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на граѓанската трибина во Струга.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Кичево повтори дека ова не се обични избори, туку поразлични од сите досегашни поради КОВИД-19, а тоа треба да е мотивација плус за обединување против власта.

-Ни треба историски резултат. Се чувствува голем триумф на правдата врз неправдата, на доброто врз злото, на честа врз срамот. Да покажеме како се работи за сопствената држава. По 15 јули да ги засукаме ракавите и да ја обновиме Македонија зашто во пепел ќе ја наследиме. Да ја вратиме насмевката на граѓаните. Доаѓаат најдобрите четири години, доста беше понижување и порази, доста беше срам, доста беше од политичари елитисти, истакна Мицкоски.

Никој да не се плаши од првиот премиер Албанец, беше пораката на Ахмети. ДУИ излезе и со барање за ТВ дебата, за соочување на нивниот кандидат за премиер, Насер Зибери, со Заев и Мицкоски. Граѓаните имаат право да ги видат тројцата кандидати за премиер на ТВ дебата, е образложението на партијата.

– Се крена врева зашто излеговме со нашето легитимно барање за премиер Албанец, а со премиер Албанец ќе се зголеми лојалноста на Албанците кон државата, ќе се зајакне интегритетот и суверенитетот на државата. Како можеше да се избере претседател на Собранието Албанец, министер за одбрана Албанец, министер за внатрешни работи Албанец, претседател на Врховниот суд Албанец и ништо лошо не и се случи на оваа земја, напротив, процесите се движат напред, рече Ахмети во Куманово и укажа на неопходноста од спроведување реформи во правосудството, како и од продолжување на борбата против криминалот и корупцијата.

Села, кој е носител на листа на коалицијата „Сега е време“ во шестата Изборна единица, повика на 15 јули граѓаните да гласаат за промена. Упати и апел до сите Албанци вработени во администрацијата дека никој нема право да ги уценува, да им се заканува или да им врши притисок за гласање.

-Да гласаме за промената, да ја направиме државата за сите. Ние ќе го чуваме достоинството на секој од вас. На 15 јули ќе заврши дискриминацијата и понижувањето на администраторите. Ние нема да отпуштиме никого, напротив, ќе има напредувања, ќе го дадаме заслуженото место во државната администрација, рече Села на средбите со жителите во Дебрце, Требош, Палатица, Желино и Стримница.

Своите програми ги претставија и македонската конзервативна партија Интегра на средба со граѓани во Тетово, како и Македонски концепт на средба со граѓани во Скопје.

Здруженијата на граѓани, пак, ги повикаа политичките партии кои учествуваат на изборите да потпишат декларацијата за приоритетно донесување на законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав. Иницијатори на декларацијата се: Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД), Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ), Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија (МППС), Мрежа 23, Неформална мрежа на ромски организации, Блупринт група за реформи во правосудството, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ) кои заедно бројат повеќе од 100 здуженија.

Кампањата продолжува и денеска. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев утрово ќе даде изјава за медиумите. пред Собранието, а носителите на листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе остварат средби со граѓани во неколку градови. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе ги посети општините Дебар, Маврово Ростуше, Гостивар и Тетово, носителот на листа во ИЕ2, Владо Мисајловски ќе даде изјава во Визбегово и ќе оствари средба со жителите на Ѓорче Петров, носителот на листа во ИЕ 3, Игор Јанушев ќе оствари средба со жителите на општина Свети Николе, додека носителот на листа во ИЕ 4, Алекснадар Николоски ќе оствари средба со жителите на село Пепелиште општина Неготино, како и средба со жителите на село Криволак.

Караванот на Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ ќе оствари средби со граѓаните во скопските општини кои припаѓаат на изборните единици број 1 и 2. Носителите на листи во и.е. 1 и 2, Билјана Џинго и проф. д-р Јове Кекеновски како и претседателот на Единствена Македонија проф. д-р Јанко Бачев ќе дадат изјави за медиумите пред спомена куќата на Мајка Тереза.

Прес-конференцијата најави и коалицијата „Сега е време“ на Алијанса за Албанците и Алтернатива.