Македонската нација во моментов нема вистински избор. Единствена надеж и одлучност, да го завршиме тоа што го почнавме, да ја ставиме државата на шини и да ја закачиме за локомотивата што оди напред, е СДСМ под лидерството на Зоран Заев, изјави вечерва носителот на изборната листа во ИЕ1 од коалицијата „Можеме“, Никола Димитров.
– Овие избори мора да стават точка на тоа што го почнавме како јавност во 2015-2016 година, да ставиме точка на последните рецидиви на тој режим што доведе до тоа Европската комисија да нè нарече „заробена држава“, истакна Димитров, вечерва во „Дневникот“ на Сител телевизија.
Ние, рече Димитров, направивме еден неверојатен пресврт, бидејќи кога ја презедовме одговорноста, од Европската комисија имавме оценка на заробена држава.
– Тоа значи дека моќта е во еден човек. Последниот извештај пак на ЕК, вели дека имаме добар напредок, меѓу другото и во владеењето на правото, објасни Димитров во однос на драстичните разлики во оценките на ЕУ во нивните извештаи што државата ги добиваше пред и за време на владеењето на СДСМ.
Во однос на својот противкандидат, Димитров рече дека Сиљановска дава еден вид обланда на нешто што е исклучително труло.
– Да се зборува за правда со сериозен израз без иронична насмевка, а да се биде номиниран од ДПМНЕ е нешто неспоиво. Имаат кандидати што поштарот не може да ги најде дома да им даде покана за суд. Треба човек да води прецизна евиденција за да знае кој со каков кривичен случај и обвинение располага. Тоа е партија која за да бега од одговорност и од правда, имаше обид за државен удар со нападот на Собранието и народните пратеници, на 27 април, изјави Димитров.
Како потписник на Преспанскиот договор, кој е актуелно прашање и на овие избори, Димитров нагласи дека ќе продолжи да објаснува што значи овој договор.
– Тоа е договор којшто не’ зачлени во НАТО, ни ги отвори вратите за европска иднина, го затвори нашето регистрирање во ОН со нашата лична карта и со зборовите на медијаторот Нимиц: „после Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик.“ Преспанскиот договор е успех поддржан од целиот свет, истакна Димитров.