Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е на средби со граѓани во Куманово, одговарајќи на новинарско прашање за условите што вчера ги упати ДУИ за премиер Албанец и за прифаќање на бугарските барања, рече дека ДУИ таквиот тип барања можат да ги задржат само во сопствените редови за храбрење на нивното членство.
– Демократската унија за интеграција, изгледа се чувствува прекомфорно и комотна во ова тригодишната коалиција со СДСМ и мисли дека начинот на којшто функционира со СДСМ, така и со сите останати политички партии. Она што сакам да им го порачам и на нив од Куманово е да внимаваат како се однесуваат, бидејќи на Македонците и на останатите граѓани во Македонија им е дојдено веќе преку глава да бидат граѓани од втор ред. И таков тип на барања можат да ги задржат само во сопствените редови за храбрење и мотивација на сопственото членство, рече Мицкоски.
Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која се обраќа на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност.
– Ваквата реторика и начин на однесување не само што не носи добро, туку напротив само ја заострува ситуацијата во државата. Ние ќе одговориме соодветно, затоа што, поминаа времињата кога ДУИ ќе се чувствува комотно и романтично во Владата на Република Македонија, изјави Мицкоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ е победник на следните предвремени парламентарни избори заедно со Коалицијата „За обнова на Македонија“, повторувајќи дека на сите граѓани им е преку глава да бидат граѓани од втор ред.
– Доаѓа вистинската обнова и вистинската сила и на Македонците и на останатите граѓани во Македонија, после 15 јули во Владата на РМ и ќе им порачам да внимаваат како се однесуваат и какви пораки рефлектираат во јавноста, затоа што тоа не е добро за сите етнички заедници, вклучително и за албанската етничка заедница, додаде Мицкоски од Куманово.