Господин Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е познат успешен интернационален бизнисмен. Потекнува од Прилеп, село Марул.Својата кариера господин Атанасоски ја почна како инженер, работејќи во Њујорк универзитетот. Во 1975 година, заедно со брат му ја основа сопствената фирма “Микрофлекс Инк.”, која денес е мултимилионска производствена корпорација за флексибилни метални производи. Индустриски комплекс е лоциран во Ормонд Бич, Флорида, но поголемиот дел од бизнисот функционира интернационално, со најразновидни индустриски гранки, како што се, петрохемиската индустрија, НАСА, автомобилската индустрија, електричните централи, авионската индустрија и бродоградбата итн.
Во 1996 година господинот Атанасоски ја основа и стана претседател на “МАК АМ Интернешенл Корпорејшн”. “МАК АМ” е интернационална трговска компанија со филијали во Флорида, САД, Скопје и Прилеп во Р Македонија. Основната дејност на “МАК АМ” е увоз и извоз на производи во и од Македонијa. Неодамна господинот Атанасоски стана сопственик на хотелот “Липа” и фирмата “Жито – Прилеп” од Прилеп во Македонија, како и на компанијата “Flexabol inc” во Атланта , Џорџија, во САД.
Господинот Атанасоски стана член, а подоцна и секретар (1974-1980) на една од најстарите македонски организации во Северна Америка, Македонската заедница во Њујорк. Организацијата ја промовираше македонската нација, нејзината историја и култура. За време на работата во Македонската заедница во Њујорк, тој ја обедини Македонската заедница преку спонзорирање на социо-културни настани, вклучувајќи и фолк-фестивали, симпозиуми, вечери на поезија, спортски настани и слично.
Исто така, тој соработува и со американските власти за унапредување на правата на Македонците во САД. Тој е особено активен во промовирањето на демократијата во Македонија. Имено, шеф е на Организацијата за заштита на македонското име, знаме, Устав, како и промоција на признавањето на Македонија како суверена држава од страна на земјите во светот. Господинот Атанасоски остварува блиски контакти со повеќе дипломати и организации во контекст на моментните случувања во Македонија.
Паралелно со промовирањето на демократијата во Македонија, во мај 1992 година господинот Атанасоски ги фокусираше своите напори за финансиско помагање на Светскиот македонски конгрес. СМК е широка организација која го форсира цивилното општество и економскиот развој, ги координира и им дава техничка поддршка на невладините организации.
Истата година Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е избран за претседател на Светскиот македонскиот конгрес за Северна Америка, една од највлијателните македонски невладини организации во светот. Неговата работа во СМК резултира со организирање хуманитарни активности за спонзорирање на истражувачки работи од областа на историјата во Македонија.
За да ја истакне важноста и за да се создаде верба во независните медиуми во земјава, во која доминираат владини медиуми, на 24 јуни 1994 година господинот Атанасоски го кофинансира, организира и го етаблира првиот светски македонски неделник “Македонско сонце”, кој е отворен за секој граѓанин во земјата и во светот.
Во 1994 и во 1999 година Атанасоски се кандидира за претседател на Македонија, со желба, доколку ја добие довербата на граѓаните, да ја унапреди демократијата во земјата, да промовира економски систем базиран на принципите на слободен пазар и држава во која ќе владеат законите на правниот систем. Основна агенда во неговата кампања беше да се забрза економскиот и социјалниот развој на Македонија.
Во 1996 година господинот Атанасоски ја формира партијата Македонска алијанса и е нејзин претседател. Партија е регистрирана во Скопје, но има свои ограноци речиси во сите земји во светот, во кои живеат Македонци. Промовирајќи ги своите патриотски ставови, Македонска алијанса стана синоним за националната борба на македонскиот народ.
За таа цел, во 1998 година Македонска алијанса ја формира Македонската национална коалиција, со која учествуваше на парламентарните избори, на кои, за жал, не се здоби со пратеник во Собранието на Р Македонија, од веќе добро познатите причини (лагите и измамите од страна на Коалицијата за промени, составена од ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива).
Ѓ. Атанасоски и С. Катин пред споменикот на Ченто во Прилеп
Но, и покрај сè, Македонска алијанса упорно продолжува со својот амбициозен план за развој на македонската економија, за излез од кризата и за развој на државата. За таа цел, партијата нуди рака за соработка со сите Македонци и малцинства во Република Македонија, за во иднина сите да партиципираат во севкупниот просперитет на државата.
Името Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е познато, признато, уважено и респектирано на низа полиња. Децениски потврдено во бизнис заедницата и тука во татковината, но, пред сè, во прекуокеанските меридијани на северноамериканските простори, па и пошироко од тоа. Вистината за Ѓорѓија – Џорџ, премостена на два континента, е една повеќеслојна, необична, интересна и многу убава приказна, која облагородена и со авторовата имагинативност и суптилен пристап, е сместена меѓу кориците на ова прекрасно издание.
Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е човекот кој досега, со недоброени примери и факти, и таму каде што век векува во Соединетите Американски Држави и во Македонија, од каде што му се корените и постаментот на неговото семејно стебло, тој секогаш е во една лоби – офанзива со афирмативната вистина за Македонија, македонскиот народ и Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
Во иселеничката заедница на македонските сонародници, тој, отпрвин организационо – активистички, потоа, политички и духовно, заедно со генерациската плејада истомисленици, со многу ентузијазам, успех, промисленост и упорност, работи и придонесуваа за што повисокото позиционирање на македонските иселеници во мултикултурното американско општество.
Џорџ е еден од столбовите на акциите организирани и реализирани во битката за самостојна, суверена и независна македонска држава, и тоа може да се каже, во клучните раздобја на тој пат на истрајноста и посакуваното финале на 8 Септември (гроздобер) 1991 година, кога сонот на генерациите, стана реалност.
Неговите пораки и зборови, имаат мобилизаторска моќ, бидејќи тие се гласот на народот, глас на вистината. Основната мисија на ваквите посветеници и народни борци е да се чуваат најсветите реликвии на својата нација – името, јазикот, културата и духовноста, односно севкупноста на националните доблести, но и да се помага економски.
Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски, непрекинато повикува на сплотеност и единство на својот род. Укажувајќи дека тоа е бедемот на нескршливоста и непокорот, патот да се премостат многуте тегоби, неправди и злото, без разлика од каде и да доаѓаат тие. Единството и заедничкото дејствување се своевидна нескршливоста, на успехот и справувањето со сите предизвици на модерното време, темел во новиот милениум во кој ја изодуваме новата декада.
Затоа со право се вели дека на Џорџ Атанасоски му припаѓа заслуженото високо место во хиерархиската пирамида на луѓето, кои имаат корифејски заслуги во иселеничката македонска сага и во градењето пријателски и бизнис – мостови меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави.
Продолжува
Пишува; СЛАВЕ КАТИН