Работна посета на министерот Чулев на СВР Битола

Министерот Чулев денеска во рамки на своите активности оствари работна посета и состанок со раководството на СВР Битола, каде беше запознат со мерките и активностите кои се преземаат поврзани со справувањето со пандемијата од корона вирусот.

На прес-конференција во Битола министерот Чулев истакна дека од страна на Секторот за внатрешни работи досега се изречени вкупно 1.904 прекршочни казни за неносење заштитна опрема и се поднесени 382 кривични пријави против 579 сторители за непочитување на забраната за движење.

– Генералниот впечаток од состанокот во врска со постапувањето на полициските службеници е дека ширењето на пандемијата на територијата на Секторот за внатрешни работи Битола е ставено под контрола, граѓаните се совесни и ги почитуваат мерките за заштита на сопственото здравје и за користење на заштитна опрема, посочи министерот Чулев, додавајќи дека на територија на овој сектор не е потврден ниту еден случај на вработен во Министерството за внатрешни работи, кој е позитивен на Ковид-19.

Во тој контекст министерот Чулев потенцираше дека во фаза на изработка е протокол за организација на изборите во услови на коронавирус и по негово завршување ќе се изврши измена во мобилната апликација за полициските службеници и ќе се реализираат нови обуки кои ќе бидат прилагодени на овој протокол.

Во рамки на работната посета министерот Чулев присуствуваше и на превентивна акција во чии рамки од страна на полициските службеници беа поделени заштитни маски на граѓаните на Битола. Во оваа прилика министерот уште еднаш апелираше до граѓаните да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита на своето здравје.