Судот на првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 денеска му изрече казна затвор од девет години, а на второобвинетата Катица Јанева затворска казна од седум години.
Судот Бојан Јовановски го прогласи за виновен за сторените кривични дела – „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, а Катица Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања“.
Судот за определување на казните за сторените кривични дела, рече судијката Васка Николовска Масевска, се водел од олеснителните, како брачен статус, но и отежнителните околности, како угледот и положбата на обвинетите.
Судијката Николовска Масевска, при објавување на пресудата за предметот „Рекет“ рече дека во казната ќе им се пресметува времето поминато во притвор.
– Обвинетата Катица Јанева го прифатила влијанието на Бојан Јовановски и го пречекорила своето овластување и за себе прибавила значителна имотна корист – мебел и 50 илјади евра. Обвинетата Катица Јанева, во ноември 2018 година предложила мерка притвор за обвинетиот Јордан Камчев во предметот „Империја“. Со влијание на Бојан Јовановски на 24 декември до Апелациониот суд Скопје предложи мерката притвор да се замени со мерка куќен притвор, рече судијката во пресудата.
Во образложението за пресудата против осомничениот Бојан Јовановски, судијката Масевска истакна дека обвинетиот со незаконски прибавени средства купил луксузни облеки од различни светски брендови. Освен казна затвор од девет години, на Бојан Јовановски судот донесе одлука за да му се конфискуваат 12 илјади евра.
Претставникот на обвинението Вилма Русковска, по објавувањето на пресудата истакна дека треба да се продолжи мерката притвор за Бојан Јовановски, односно мерката куќен притвор против Катица Јанева да се замени со мерка притвор.
Неправосилно осудениот, Бојан Јовановски коментирајќи го барањето на обвинителот, рече дека се работи за тенденциозно барање и дека не е вистина дека ќе се даде во бегство.
Судот го прифати барањето на обвинителката Русковска за продолжување на мерката притвор на Бојан Јовановски, додека го одби барањето за замена на мерката куќен притвор со притвор за Катица.
На објавата на пресудата за случајот „Рекет“ денеска во големата сала на Врховниот суд во Скопје присуствува само првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, додека второобвинетата Катица Јанева не дојде во судот и одлуката ќе ја слушне во домашен притвор.
Во тек на овој судски процес беа презенитрани низа материјални и вербални докази. Како сведоци за „Рекет“ во судот исказ дадоа бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинари од телевизијата 1ТВ, обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска, Бурим Рустеми, Фатиме Фетаи од СЈО и други. Обвинителството изнесе видео записи и фотографии обезбедени од ПИ мерки, како и фотографии и записиници од одземени предмети од домот и канцелариите на обвинетите, но и видеа направени од домот на сведокот-оштетен бизнисменот Јордан Камчев.
Во описот на обвинителниот акт покренат од Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, се вели дека обвинетиот Бојан Јовановски, влијаел врз обвинетата Катица Јанева, за таа да донесе поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја”, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.
Јовановски и Јанева во своите завршни зборови пред судот негираа вина и рекоа дека не го сториле делото за кое се товарат. Обвинителството, според нив, не изнело докази за делото за кое ги товари и дека целото обвинение е врз основа на исказ на еден сведок – кој е оштетен во случајот. Целиот случај за Јовановски е политичка конструкција, додека за Јанева е клевета.
Судењето за предметот „Рекет” почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството.