Договорот од Преспа треба да е инспирација за многу иницијативи како што е центарот за промоција на македонскиот јазик во Љубојно

Премиерот Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на работна група за поддршка на Преспанскиот регион Едмонд Адеми, денеска учествуваа на панел дискусија по повод иницијатива за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно.

Иницијативата се покренува по повод две години од потпишувањето на Договорот од Преспа, како и во чест на 76 годишнината од основањето на второто училиште на мајчин, македонски јазик во Љубојно на 15 ноември 1944 година, само една година подоцна откако првото училиште е основано во Дебарца и Подвис, уште за време на Втората светска војна во 1943 година.

Министерот Димитров, како што информираат од владината прес-служба, на панел дискусијата истакнал дека со потпишувањето на Конечната спогодба или попозната како Договорот од Преспа, е воспоставено ново стратешко партнерство со Грција и се премостени речиси три-децениските разлики пред сѐ во однос на името и нашите перспективи во евроатлантските и европските перспективи.

Дополнително, посочил Димитров, уште две главни придобивки произлегле од овој историски договор со кој нашиот идентитет се заштитува и во правни рамки, а со тоа и нашата култура и културно наследство, како карактеристики на територијата на нашата земја, како и нашето право да се идентификуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик којшто е темел на нашиот идентитет, самобитноста и автохтоноста на нацијата, неговата посебност.

Во таа насока Димитров ја поздравил иницијативата и истакнал дека е уверен дека основањето на Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во овој дел од државата ќе придонесе за негова понатамошна промоција и афирмација, што ќе овозможи нови хоризонти во воспоставувањето културни врски.

– Со Иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик која на денешниот симболичен ден се промовира токму во регионот каде ја потпишавме Конечната спогодба, во училиштето „Димитар Влахов” како прво во регионот со настава на македонски јазик, ставаме темели на нешто исклучително суштинско. Подеднакво суштинско како и самиот Преспански договор – промоција на македонскиот јазик и негување на сѐ она што нѐ прави Македонци. Правото на самоопределување на македонскиот народ е неотуѓиво и тоа никој не може да ни го оспори. Македонскиот јазик е наша работа, нагласи министерот за надворешни работи Димитров.

Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на работна група за поддршка на Преспанскиот регион Едмонд Адеми ја поздрави иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште во Љубојно од аспект на проектот наменет за поддршка и развој на регионот на Преспа, со финансиска поддршка  од Европската Унија.

– Во проектот се вклучени владите на трите соседни држави – Северна Македонија, Албанија и Грција и еден од проектите е изградба на мултимедијален центар за млади, кој соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што би се организирал меѓународен форум за дијалог и соработка. Пошироко проектот вклучува и многу други компоненти за развој на регионот, за поддршка за подобрување на квалитетот на животот особено во руралните средини на регионот, како и за проекти за водоснабдување и собирање на отпадни води околу Преспанското езеро со инфраструктура според правилата и стандардите на ЕУ за заштита на животната средина. Ако Словенија е позната по Бледскиот форум, Швајцарија по Давос, Германија по Минхенската конференција, Република Северна Македонија ќе биде препознатлива по Преспа Форум за дијалог, истакнал министерот Адеми.

Во однос на иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во Љубојно, претседателот на Советот за македонски јазик Људмил Спасов потенцирал дека нејзината реализација ќе обезбеди уште едно место на кое ќе се собираат лингвисти, педагози и наставници и професори по македонски јазик и ќе доаѓаат ученици да се подучуваат и да научат работи на терен, со што ќе продолжи оддолжувањето на плејадата македонски дејци кои се вградија во историските процеси за признавање и афирмација на македонскиот јазик.

Според Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, Општина Ресен и Љубојно заедно со невладината организација „Преспа Град“, со својата постојана децениска грижа за македонскиот јазик, ја заслужуваат нашата поддршка и доверба дека новиот Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик е на вистинското место и кај вистинските луѓе.

– Преспа е револуционерна средина со европска мултиетничка визија. Верувам дека преку овој центар македонскиот јазик ќе биде јазикот што ги поврзува Македонците со другите граѓани од Република Северна Македонија, од Балканот и од светот, подвлече Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик.

Професорката на Педагошкиот факултет во Скопје, Елизабета Бандиловска нагласила дека е голема возбудата да се биде на местото зачетник на школството и на воспитно-образовната врвица на генерации ученици, учители и просветители проникнати од пазувите на Преспа.

Настанот, како што информираат од владината прес-служба, е дел од серијата настани по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот во Преспа, организирани од Општина Ресен и во соработка со НВО Преспа Град.