Над 70 граѓански организации денеска во Скопје формираа неформална мрежа со цел заедничко застапување кон остварување на финансиска одржливост во секторот, преку поволни промени и законски измени во даночниот третман.
Според Никица Кусиникова од здружението „Конект“ моменталната законска регулатива не секогаш ги зема предвид спецификите на работењето на здруженијата и тие имаат ист третман како и фирмите, а често пати се невидливи и непрепознаени како посебен сегмент што делува непрофитно.
– Поради тоа е важно и даночниот третман да е различен. Многу од досегашните даночни субвенции или поттикнувања важат подеднакво и за едните и другите. Сакаме да видиме дали нашата регулатива соодветно ги прави овие разлики и да предложиме конкретни амандмански решенија, изјави Кусиникова.
Посочи дека за обезбедување пристап до носителите на одлуки и отворање канали на дијалог е формиран меѓусекторски Советодавен комитет, во кој се поканети и прифатиле членство претставници од министерствата за финансии, за правда, за локална самоуправа и за труд и социјална политика, како и советник на премиерот за законодавни прашања.
Раководителката на програмата за граѓанско општество при Делегацијата на ЕУ Ирена Иванова, рече дека граѓанските организации веќе се препознатливи во своите сектори, но битно е тие да се профилираат и делуваат рамномерно во секторската политика бидејќи силата е во вмрежувањето.
– Секторската артикулација на проблемите во однос на владините институции е поуспешна. Овој проект е убав зошто граѓанските организации заедно работат во партнерство со владините институции за подобрување на условите и секторските политики во општеството, рече Иванова.
Мрежата за финансиска одржливост на граѓанските организации е формирана во рамки на проектот „Промени за одржливост“, финансиран од Европската унија, а спроведен од здружението „Конект“, во партнерство со фондацијата „Аполонија“ и Центарот за даночна политика.
Во мрежата членуваат вкупно 73 граѓански организации. Согласно последните податоци во Македонија вкупниот број на активни граѓански организации е 4.148. Како активни организации можат да се сметаат оние кои поднеле завршна сметка или поднеле изјава, а такви се 1,497 организации кои поднеле завршни сметки и 2,651 кои поднеле само изјава/одлука во 2015 година.