Пендаровски: Одлука за прогласување вонредна состојба ако партиите се договорат за изборите

По повикот на лидерот на на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се прогласи нова вонредна состојба на територијата на целата држава, од кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски одговорија дека тоа е можно само ако има договор меѓу партиите за датумот за избори.

-Ставот на претседателот Стево Пендаровски и е познат на јавноста. Претседателот е подготвен да донесе нова одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на цела држава, само доколку претходно биде постигнат меѓупартиски договор на сите политички субјекти за датум на предвремените парламентарни избори, заради создавање на правна рамка за нивно непречено организирање и спроведување, велат од кабинетот за МИА.
Мицкоски на деншната прес-конференција го повика претседателот Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, нагласувајќи дека партијата има два услова да учествува на изборите – подготовка на протоколи за заштита на здравјето на граѓаните и услови за фер и демократски инклузивни избори, а тоа е распоредување на набљудувачкаа мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
-Тоа значи дека првиот ден кога набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат во Македонија веднаш по одржаната нивна прес-конференција следниот ден нека биде првиот ден од нашата кампања и од тој прв ден да го утврдиме датумот кога ќе бидат одржани овие избори, рече Мицкоски, според кого, првата возможна дата е средината на месец јули.
Синоќа на полноќ заврши вонредната состојба, а откако лидерите на двете најголеми партии во државата владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски завчера во Вила Водно не постигнаа договор за датумот за изборите, продолжуваат да течат изборните дејствија за избори на 5 јули. Кампањата, пак, ќе започне на 16 јуни.