Светски ден против детскиот труд

Светскиот ден против детскиот труд оваа година се фокусира на влијанието на пандемијата и економската криза врз децата. Светската пандемија COVID-19, економскиот шок и пазарот на трудот имаат огромно влијание врз животот и животите на луѓето. За жал, децата страдаат меѓу првите. Кризата, сметаат од Меѓународната организација на трудот, може да биде фактор плус кон приклучување на милиони ранливи деца во детски труд.

-Работата на улица е една од најчестите форми на детски труд во Македонија. Децата на улица не ретко заработуваат од питачење, продавање ситни предмети, чистење автомобилски стакла на раскрсниците, или пак се инволвирани во собирање пластични шишиња и друг вид отпад од контејнерите. Некои деца ги вршат овие активности со цел да им помогнат финансиски на своите семејства, додека други се принудени, од страна на членови на семејството или пак организирани групи, да работат на улица. Овој вид детски труд влијае на секој аспект од животот на децата, го нарушува нивниот физички, психички, социјален и образовен развој и ги оневозможува во остварувањето на нивните основни човекови права. Според владиниот извештај поднесен до Комитетот за правата на детето во март минатата година, Центрите за социјална работа имаат евидентирано околу 650 деца на улица. Сознанијата на граѓанските организации укажуваат дека оваа бројка е далеку помала од реалната, се вели во соопштението од Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Во најмалку развиените земји, нешто повеќе од едно од четири деца (на возраст од 5 до 17 години) се занимаваат со работа што се смета за штетна за нивното здравје и развој. На светско ниво околу 152 милиони деца се жртви на злоупотреба на детски труд, од кои 72 милиони се во опасна работа. Овие деца сега, во периодот на пандемија се изложени на уште поголем ризик од соочување со околности кои се уште потешки и работат подолги часови.

Африка е рангирана највисоко меѓу регионите и во процентот на деца кои се жртви на злоупотреба на детски труд – една петтина – и во апсолутен број на деца во детски труд – 72 милиони. Азија и Пацификот се рангираат на второ место по двете мерки – 7 отсто  од сите деца и 62 милиони во апсолутна смисла се жртви на злоупотреба на детски труд во овој регион. Во однос на зачестеноста во другите региони, 5 отсто од децата кои се жртви на искористување на детскиот труд, се во Америка, додека 4 отсто во Европа и Централна Азија и 3 отсто во арапските држави.

-Државата треба итно да преземе соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки со цел заштита на детето од сите облици на злоупотреба на детски труд. Од институциите се очекува да ги препознаваат и евидентираат случаите на злоупотреба на детски труд, но и да спроведуваат и развиваат механизми за превенција и сузбивање. Државата и нејзините институции треба да помогнат децата да излезат од детската сиромаштија, неписменост и злоупотреба на нивниот труд о страна на возрасните. Министерството за труд и социјална политика треба да ги вклучи децата од оваа ранлива категорија, од најрана возраст во градинка, да обебзбеди бенифиции за нив за истите да можат навремено да го започнат основното училиште. Градинката нуди можности за образование и воспитување на овие деца, таа не е само згрижувачка институција. Детската амбасада Меѓаши се залага за задолжително вклучување на децата во градинка од тригодишна возраст со што ќе им се помогне навремено да бидат оттргнати од улицата, сиромаштијата и неписменоста. Со вработување барем на еден член од семејствата кои се во ризик, обезбедување кров над глава и рано вклучување на децата во градинките има шански децата под висок ризик од злоуптреба на детски труд да излезат од кругот на неписменост, сиромаштија и злоупотреба, велат од Меѓаши.

На крајот, потсетуваат оттаму, сите политики и механизми за превенција и сузбивање на детскиот труд треба да бидат донесени и имплементирани согласно најдобриот интерес на детето, а детското учество да биде интегрален дел од нив.