Шекеринска на прославата на армискиот Воздухопловен ВИНГ и прелетот на авионите од Air policing: Денешниот ден покажа што значи да се биде членка на НАТО

„Денешниот ден покажа што значи да се биде членка на НАТО. Тоа значи да ги имате НАТО воздухопловите, во случајов од воздухопловните сили на Грција, да го чуваат и да патролираат на нашето небо што денес  беше одлично совпаѓање со прославата на Денот на Воздухопловниот ВИНГ. Токму во денот кога единицата го слави својот јубилеј, да го имаме денот на кој што се врши овој Air policing. Ова е област во која Северна Македонија ја забележа својата прва целосна интеграција во НАТО структурите“, рече денес министерката за одбрана Радмила Шекеринска на свеченоста за одбележување на денот на Воздухопловниот ВИНГ, во чии рамки НАТО мисијата за воздушно патролирање прелета на нашето небо, а демонстрација на летечките капацитети прикажа и нашата Армија .

 

Истакнувајќи ја подготвеноста за инвестиции и во персонал и во опрема за овој значаен сегмент министерката посочи дека целта е да се подобрат условите за работа во Воздухопловниот ВИНГ и да се намали разликата во капацитети и опрема со останатите членки на НАТО. „Успеавме сериозно да ги зголемиме приходите на сите припадници во воздухопловниот ВИНГ кои се специјализирани во делот на воздухопловство. Ми беше задоволство што успеавме некои поранешни припадници да ги вратиме во составот на Армијата, но и на сите помлади и поискусни да им обезбедиме плати кои беа зголемени меѓу 30 и 60 проценти, или искажано во суми некои надминуваат и 100.000 денари, што се едни од највисоките примања во Армијата. Зголемување на платите има и кај професионалните војници кои пред три години имале месечни примања од 30.000 денари а сега околу 46.000 денари, и секој повисок чин значи уште поголема разлика во месечните примања сега и пред три години“, посочи Шекеринска.

 

Министерката се заблагодари на посветеноста на Армијата во борбата со коронавирусот и упати честитки  што најновото истражување на јавното мислење покажа дека граѓаните имаа највиока доверба во Армијата. „ Таа доверба не е без причина,  туку е градена со секоја одлука да се помогне и на државата и на секој граѓанин“, рече министерката посакувајќи им на нашите армиски воздухопловци мирно небо при управувањето со леталата на Воздухопловниот ВИНГ.