Османи:Потребна е синергија меѓу власта и НВО секторот за успешна имплеменатција на Стратегијата на ЕК

Ниту една стратегија, нуту таа од Европската комисија, чија цел е трансформација на општествата заради усвојување на вредностите на ЕУ, нема да биде одржлива доколку нема синергија меѓу Владата, научната јавност и невладините организации. Затоа за нас се многу важни овие дебати и конференции што заедно ги организираме со невладиниот сектор за да можеме да извлечеме максимум од оваа стратегија за таа да биде инклузивна и одржлива.

Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи пред почетокот на националната трилатерална конференција насловена „Евроинтеграциите на Македонија и иднината на Европската унија“, што се одржува денеска во Скопје. Тој изрази задоволство што во Стратегијата покрај главните области како владеење на првото, доброто управување, фундаменталните права, социоекономскиот развој, како резултат од лобирањето се споменува здравството како таргет за одвојување на средства од страна на ЕУ, но и образованието и  социоекономскиот развој.

– ЕУ има утврдено дополнителни 500 милиони евра за регионот за имплементација на стратегијата од кои ние направивме проценка дека тоа се 15 милиони евра годишно за поддршка на реформите. Меѓутоа, овој процес Владата не може сама да го спроведе. Невладиниот сектор е многу важен. СЕП, според законот, е носител на преговарачкиот процес, меѓутоа нема да може сам Секретаријатот тоа да го спроведе, туку ќе мора невладините организации да ги вклучи во тој дијалог при утврдување на ставовите на државата наспроти позициите на ЕУ, рече Османи.

Според него, може да се преземат искуствата од Србија и Црна Гора, кои веќе отпочнаа преговори за вклученоста на невладиниот сектор без чие мислење не може да помине ниту една одлука во Парламентот, а има право и на вето.

– Наместо да се остави секоја НВО да излезе со свој став, тие се собираат во една чадор организација каде внатре дебатираат и градат заеднички став што потоа го комуницираат до Владата, која потоа ги презема во градењето на државни позиции. Ова е важно ако почнеме преговори, но и во предскрининг процесот. Ова е зачеток на таа сериозна дебата меѓу Влада и НВО-секторот за градење на позиција, рече вицепремиерот Османи.

Андреа Стојковски од Евротинк изјави дека новата стратегија на ЕК за Западен Балкан е момент во кој Комисијата искрено признава дека проширувањето со Западниот Балкан е нејзин политички, економски и безбедносен интерес и тоа е, вели најдобрата порака која може да се упати до сите држави од Западниот Балкан.

– Стратегијата доаѓа навреме после 15 години од Солунскиот самит каде беше првпат изразена европската перспектива за земјите од Западен Балкан и е балансирана бидејќи предвидува 32 активности за ЕК, односно чекори кои таа самата си ги предвидела во однос на државите членки, но и околу 32 реформски приоритети за државите од Западен Балкан. Таа точно ги отсликува состојбите во Западниот Балкан, користи некои од научените лекции околу времето кое што се утврдува за пристапување, односно за крајните рокови за чекорите кои ќе треба да се преземаат околу споровите што постојат меѓу државите од Западен Балкан и презема некои од научените лекции од процесот за разрешување на политичката криза во РМ, вели Стојковски.

Имено, посочува, експертската мисија на Прибе и извештаите кои оваа мисија ги изработи во два наврати ќе се користат како модел за справување со состојбите во однос на владеењето на правото во сите држави од Западен Балкан и вториот момент е СЈО, кое во стратегијата се наведува како еден од инструментите што ќе се користат во сите држави од ЗБ.

Според него, институционалниот капацитет ќе биде проблем за државата бидејќи години наназад во сите извештаи на ЕК дека не достасува соодветен административен капацитет за справување не само со процесот на пристапување, туку и по пристапувањето. Во тој контекст оценува важна е мерката која ЕК ја има предвидено за себе, а тоа значи членство пред самото членство, односно ќе бидат повикувани сите држави од Западен Балкан да учествуваат не само на министерски средби и средби на високо ниво, туку и во рамки на техничките и на работните групи на ЕК.

– Со тоа државните службеници ќе имаат можност да учат за процесот на функционирање на институциите пред да станат дел од ЕУ. Тоа ќе ги подобри шансите за справување со процесот за пристапување, а главниот проблем за државата ќе биде владеењето на правото бидејќи најповеќе внимание се посветува токму на тој дел, вели Стојковски.

Конференцијата претставува соработката меѓу СЕП и Центарот за европски стратегии -Еуротинк и е дел од проектот „Механизам на граѓански организации за ИПА2“, финансиски поддржан од Европската унија во кој членуваат околу 300 невладини организации кои се фокусирани на различни прашања од процесот на евроинтеграциите.