Димитров утре во Белград на разговори со Дачиќ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на покана на својот колега, министерот Ивица Дачиќ, утре ќе оствари работна посета на Република Србија.

Како што соопшти МНР, ова претставува прва работна посета на шефот на дипломатијата во странство од почетокот на пандемијата, во знак на натамошно развивање на пријателски дијалог и соработката меѓу двете соседни земји.

На средбата, предвидено е министрите да разменат мислења за актуелната состојба во севкупните билатерални односи и можностите за унапредување на соработката во сите области од заеднички интерес, со акцент на продлабочување на економската соработка.

Воедно, ќе бидат разменети мислења и искуства во врска со справувањето на двете земји со актуелната пандемија, како и нивните претстојни чекори за релаксирање на рестриктивните мерки во меѓусебниот режим на движење, во рамки на севкупните слични тенденции во регионот и Европа.  

Двајцата шефови на дипломатии ќе разговараат и за регионалната соработка, како фактор на стабилноста и просперитетот на нашиот регион, како и ЕУ агендата во пресрет на значајните чекори кои и’ претстојат како на Северна Македонија, така и на Србија и целиот регион.