Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) соопшти дека вчера, на 8 јуни 2020 година, почина академик Стефан Воденичаров, поранешен претседател на Бугарската академија на науки и член надвор од работниот состав на МАНУ.
Како што наведува МАНУ, академик Воденичаров беше голем пријател на Република Северна Македонија и има особен придонес за развојот на меѓусебните односи меѓу двете држави што резултираше со потпишување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Бугарија во август 2017 година.
-Болно ја примивме веста дека вчера, на 8 јуни 2020 година, не напушти академик Стефан Воденичаров, претседател на Бугарската академија на науки 2012-2016 година и член надвор од работниот состав на Македонската академија на науките и уметностите, научник со светски углед, голем човек и редок пријател, кој ја ширеше својата прегратка повеќе одошто тоа го допуштаат силите на човековата физичка дребност, наведува академик Владо Камбовски по повод смртта на Воденичаров.
Според Камбовски, академик Воденичаров даде неизмерлив придонес кон разбирањето меѓу македонските и бугарските научници и двата народа. Како искрен пријател и поддржувач на заемната македонско-бугарска соработка и пријателство, Воденичаров беше активно ангажиран во бројни полиња на нивно продлабочување.
МИА во целост го пренесува текстот In memoriam од акадeмик Владо Камбовски.
„Болно ја примивме веста дека вчера, на 8 јуни 2020 година, не напушти Академик Стефан Воденичаров, претседател на Бугарската академија на науки 2012-2016 година и член надвор од работниот состав на Македонската академија на науките и уметностите, научник со светски углед, голем човек и редок пријател, кој ја ширеше својата прегратка повеќе одошто тоа го допуштаат силите на човековата физичка дребност. Таква беше и неговата последна телефонска порака што ја добив пред два дена, испратена од болничка постела, при одземена моќ на говорот на патот без повраток: „Мили пријатели, да сте живи и здрави, да се видиме и прегрнеме! Стефан.“ Таа беше одговор на мојот поздрав што му го испратив пред тоа, во името и на колегите претседатели на МАНУ, со желби за оздравување, со некоја себеизмамувачка верба во лечебноста на искрената пријателска поддршка во борбата со неминовноста. Поразот беше навестен со неговата порака добиена на крајот од мај, во која ми соопшти дека е во болница и дека не може да зборува. Таа пак дојде по последниот наш краток разговор од 11 мај годинава, во кој неговиот веќе засипнат и омалодушен глас реско ми ја претстави физичката слабост што ја предизвикала фаталната болест. А му се јавив да му го честитам големиот празник на сесловенските просветители Светите Кирил и Методи и да се потсетиме на првото наше заедничко чествување во Софија на 11.мај 2014 година. Тоа беше направено на свечен начин кој прилега на највисоките научни институции, со научни излагања на академици од двете страни за значењето на делото на светите Солунски браќа кои го воведоа словенскиот јазик и писмо и словенската култура во светското културно наследство. Тогаш беше договорено одбележувањето на тој датум да се одржува наизменично, на две години, така што следното се случи во наредната година во Скопје. Не беше таквата манифестација, како и пред тоа започнатата соработка меѓу двете академии со кои се отвори нова страница во односите меѓу македонското и бугарското општество пречекана еднодушно. Имаше и секогаш има закоравени умови што ја напојуваат својата злоба и човекомрзие од затруени извори и што, при неспорната слобода на секого да има свои сфаќања и ставови, нив ги сметаат за доволни мотиви и оправдувања за медиумско и секакво друго насилство. Стефан ја имаше таа моќ, благодарејќи на својата великодушност и визионерски дух, сите напади да ги прима смирено и со разбирање дека тие се раѓаат во определен културен и политички контекст и односи, и дека најдобро можеме да одговориме на нив ако работиме на суштествени промени на општественото милје од кое потекнуваат.
Академик Воденичаров ги имаше сите највисоки доблести на човек кој ја претвора во свое животно кредо познатата мисла на Ајнштајн дека суштествувањето на минато, сегашност и иднина е обична илузија, зашто сите три се едно. Се движеше бескомпромисно низ таквото единство на времето свртен кон иднината и верувајќи дека таа секогаш ги верифицира вистинските вредности, според законите на некој космички логос. Без никакви оптоварувања со минатото, можеби само со жалење зошто некогашните илузии морале да бидат платени со човечки жртви и народна беда. Таквата негова животна филозофија тој ја транспонира на планот на својата научна дејност, посебно како претседател на БАН, сметајќи дека негова главна животна мисија, како и на секој научник, е да работи на духовноста на својот народ, да биде општествено активен, просветител, и да помага во развојот на државата. Во светлината на таквото животно и професионално мото, тој го формулира ставот дека првостепена задача на академиите на науките и уметностите, како највисоки и најавторитетни научни институции, е да преземат одговорност на „интелектуална власт“ која насочува, помага но и ја коригира актуелната политичка власт.
Со таков човечки и интелектуален багаж Академик Воденичаров дојде на првата официјална средба во МАНУ на 19 април 2013 година заради постигнување договор за соработка меѓу двете академии, со кој на првата линија на развивање нови односи меѓу Македонија и Бугарија ќе биде ставена науката и уметноста- двете најслободни сфери на човеково творештво кои единствено имаат моќ да ги кршат оковите на минатото, на идеологиите и предрасудите и на политичката заробеност на современиот човек. Требаше, мораше, како императив на новото време на плурализам, демократија, човекови права, глобализација, европски интеграции, да се надмине научната хибернација и поставеноста на академиите како бастиони на националната кауза развивана и бранета исклучиво врз антиетичка основа. Веќе првото соопштение од таа средба смело ја разгласи новата ера на меѓуакадемски односи: науката е повикана и должна објективно и непристрасно, без никакви идеолошки или политички влијанија, да ги опсервира, истражува, расправа и опсудува сите прашања и предизвици на современото општество, од позиции на промените што ги носи современата ера на научно-технолошка револуција, глобализација и интеграции, без никаква затвореност и предрасуди и без едностранчивости во проникнувањето во научната вистина; науката е наука само кога признава плурализам на научни пристапи и не робува на никакви научни догми; и најбитен за науката е објективниот и аргументиран научен дискурс, кој нема претензии секогаш да заврши со општоприфатени и конечни судови. Во таквата општа рамка, отворен е широк простор за академиите и научниците од двете страни за расправа и за најчувствителни историски, општествени, политички и други теми, вклучително и такви што се рефлектираат и врз поширок општествен план и создаваат клима на недоразбирања и нетрпеливост меѓу народите.
Во набрзо почнатите заеднички активности на академиите, чијашто динамичност особено ја поттикнуваше Акад. Воденичаров, се вбројуваат бројни континуирани средби на раководствата на академиите, научни конференции и започнување со работа на 33 заеднички научно-истражувачки и уметнички проекти. Основите за проектната соработка се поставени со Договорот за соработка, склучен во Сандански на 5 и 6 октомври 2013 година, на средба на академиците од двете академии. Проектната програма, за чијашто реализација беа формирани екипи од академици и други научници и уметници од двете страни, опфаќа повеќе значајни теми од областа на историјата, историјата на уметноста, јазикот, правото и реформите на државите, евроатлантските интеграции, медицината, техниката, информатиката и други научни области. Континуираната активност на проектните тимови, следена со периодични заеднички состаноци на академиите, резултира до денес со десетици објавени книги, студии и статии, не само на двата јазици- македонскиот и бугарскиот, туку и во странски списанија на други јазици. Одржани се и повеќе научни конференции и други научни средби, промоции на преводи на книжевни дела, изложби и други собири. Сите тие активности дадоа огромен придонес за развивање на дух на пријателство, разбирање и соработка меѓу академиите и македонските и бугарските научници, на што особено инсистираше Стефан.
Особено е важно да се одбележи дека неговиот благороден дух и отворен ум им создаваше на сите наши заеднички средби крајно пријателски и конструктивен тон. Во толку години соработка, научни дискусии, дружења во слободното време, за кое долго ќе го паметиме неговото срдечно гостопримство, не само што не падна ни еден тежок збор, туку ни некоја далечна алузија на некоја непријатна асоцијација. Немало нешто за што не сме разговарале, вклучително и за најжешките теми што го оптоварувало минатото на нашите народи, како што е македонскиот идентитет или македонскиот јазик и неговото признавање. И сме се согласиле: нешто или некого да признаваш или да не признаваш- значи нештото или некого да го почитуваш или да не го почитуваш. Таа парадигма на јазикот не само како средство за комуникација или идентитетско одличје, туку како разбирање денес станува многу значајна, во светлината на фактот со кој секојдневно се соочуваме- да зборуваме со друг на ист мајчин јазик, а да не се разбираме. А ако се разбираме, лесно доаѓаме и до почитување. Научниците, зборуваше тој, се носители на важна мисија да придонесуваат за подобро разбирање меѓу луѓето, а не за создавање на магли и недоразбирања. Затоа е важно особено во историските науки тие најпрвин лично да се запознаат и развијат пријателски односи, за да можат полесно да ги совладаат внатрешните цензори што им ги наметнал животниот искус. Како признание за неговиот придонес во развојот на заемната соработка, Акад. Воденичаров е избран за член на МАНУ надвор од работниот состав во 2015 година, во истата година кога сум јас како прв македонски научник избран за странски член на БАН.
Стефан за мене останува лик на голем човек, кој даде неизмерлив придонес кон разбирањето меѓу македонските и бугарските научници и двата народи. Како искрен пријател и поддржувач на заемната македонско-бугарска соработка и пријателство, тој беше активно ангажиран во бројни полиња на нивно продлабочување, како што се неговите иницијативи пред Бугарската православна црква за признавање на Македонската православна црква. Неговата активност, оживотворена низ соработката на двете академии на науките со која започна рушењето на напластени стереотипи и догми што ги оптоваруваа меѓудржавните односи, го отвори патот што доведе до потпишување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Бугарија на 1.август 2017 година. До последните денови од својот живот се залагаше за негово доследно оживотворување не како бирократски чин на комисиско решавање под сенката на ефемерни политички интереси, туку како сестрана и долготрајна заемна научна, уметничка, образовна и културна соработка под покровителство на двете академии.
Requiescat in pace драг пријателе, твоето дело и победата на нашите идеи и сеќавање на тебе го продолжува твоето траење!“