За ВМРО-ДПМНЕ изборите во овој момент се во втор план

Важно да се посветиме и да ја надминеме корона кризата, која ескалира во енормни размери и во овој момент изборите навистина се во втор план, изјави на денеска на прес-конференција членот на член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ по изборите би одбила коалиција со ДУИ, доколку партијата остане на идејата на нејзиниот лидер Али Ахмети за премиер Албанец, Василевска изјави дека народот на избори избира политичка опција и премиер.

Таа нагласи дека засега нема иницијатива за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски во однос на прашањето за изборите.

– Тоа што сега е важно и загрижувачки е она што власта на СДСМ нема разумност и покрај високите секојдневни бројки на новозаразени и починати. Евидентно е дека СДСМ нема контрола, нема систем за застанување на патот на оваа пандемија и тоа е повеќе од очигледно и тоа е на голема жалост за сите нас. Во однос на идната (лидерска) средба доколку има иницијатива сметам дека ние благовремено ќе ја разгледаме и ќе се произнесеме во однос на тоа прашање, додаде Василевска.

Осврнувајќи се на порастот на бројот на новозаболени од корона последниве денови, Василевска смета дека „постои огромно сомневање и недоверба“ во однос на криењето на реалните бројки за новозаразени од страна на Комисијата за заразни болести.

– Прашањето е како со дваесетина заразени и еден до двајца за жал починати, беше прогласуван пикот на епидемијата, а сега со стотици новозаразени се турка приказна за стабилизација на состојбата. Очигледно е дека СДСМ нема контрола врз состојбата и тоа е повеќе од очигледно, рече Василевска.