Реакции за одобрени проекти во музичката дејност, Филхармонијата ќе прати приговор до комисијата

Македонската филхармонија ќе прати приговор до Комисијата за музичко-сценска дејност при Министерството за култура за направени пропусти во одобрувањето средства за, како што наведува, „непостоечки проекти во програмата на институцијата“.

Одлуката денеска на вонредна седница ја донел нејзиниот Управен одбор (Бранка Костиќ-Марковиќ – претседател, и членовите: Фросина Балова, Лада Шоптрајанова-Петровска и Александар Стојчески), на која присуствувал и в.д. директорот Виктор Илиески.

Приговорот ќе биде пратен поради, како што соопштуваат во дописот, констатираните разлики меѓу усвоената годишна програма на Македонската филхармонија од страна на Управниот одбор на установата и објавените резултати од Конкурсот на Министерството за култура за проекти од национален интерес во културата во 2018 година.

По  објавувањето на Програмата со прифатени проекти на 10 февруари, реагираа и други поединци и институции од различни дејности кои не се задоволни од начинот на распределба на средствата.

Се огласи и директорот на Скопскиот џез-фестивал Оливер Белопета кој на социјалните мрежи, меѓу другото, напиша: „…нема дилема дека Годишната програма и порано сакала да се додворува на што повеќе корисници, со крајна цел прибирање повеќе изборни гласови (потврдено како бумеранг). Последицата е надвладување на квантитетот, а неквалитетот. Тоа е уравниловка која раѓа незадоволство кај мнозинството“.

Најмногу рекации во музичката поддршка се кренаа за доделените 300.000 денари за 12-годишниот Виган Максути од Тетово, на што Министерството за култура пред два дена одговори дека е направена техничка грешка што ќе се коригира со повторно разгледување на апликацијата.