– Со грант од 700.000 евра од Владата на Јужна Кореја ќе се поддржи градењето на капацитетите на Царинската управа, особено во делот на брзи пратки, откривање нелегални финансиски текови, како и анализа на ризик во е-трговија. Kако што соопшти Министерството за финансии, денеска е организиран состанок за почнување проект на кој присуствувале министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и делегација од Царинската управа на Јужна Кореја.
На средбата е истакнато дека од особено значење е поддршката во доменот на е-трговијата, која во светски рамки бележи постојан раст и развој, особено сега во новите услови креирани од коронакризата. Таквиот пристап директно влијае на растот на микро, малите и средни претпријатија, во однос на поширок пристап до странските пазари со намалување на влезните бариери и намалување на оперативните трошоци. Со размена на искуството на Царинската управа на Јужна Кореја во овој домен ќе придонесе за воспоставување баланс помеѓу олеснета и забрзана испорака на пратките, но во исто време и зголемена наплата на буџетските приходи од овој вид трговија.
Од македонската делегација беше посочено дека воспоставувањето дигитална царина е еден од стратешките приоритети на Царинската управа. Пред една година е пуштен во употреба новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, кој го замени стариот систем – АСИКУДА, со кој радикално се измени начинот на царинско работење. Овој софтвер е клучна алатка за развој на дигиталната царина и на безхартиената околина и овозможи значително подобрување во давањето на услугите на учесниците во царинските постапки.
Царината на Кореја е широко позната по својот технолошки напредок и бројните награди на полето на електронските достигнувања.