Свети Трифун одбележан на сите лозови насади во гевгелиско

Лозарите и винарите од општина Гевгелија, со гозба, вино и музика, денеска го слават празникот Свети Трифун, заштитникот на лозарите. На лозовите насади во сите населени места уште од раните утрински часови тие со своите семејства го направија вековниот адет на закројување на лозјето.

По традиција, централната прослава на празникот се одржа во црквата „Света Петка“ во селото Прдејци, каде по свечената литургија во дворот на црквата се изврши симболично закројување во присуство на градоначалникот Сашо Поцков. Тој на лозарите им посака богат род и бериќетна година, а тие, пак, изразија надеж дека лозјата богато ќе родат и дека ќе точат квалитетно вино.

Заштитникот на лозарите свечено беше одбележан на сите плантажни и индивидуални лозови насади во општина Гевгелија од причина што гевгеличани веруваат дека Свети Трифун е чувар на лозјата и сите други посеви од разни штети и дека ги штити лозарите и кафеанџиите.