Грчката позиција се појасна – ерга омнес и промена на Уставот

Сложено име за внатрешна и надворешна употреба и промена на македонскиот Устав е позицијата, која се погласно се споменува од грчката страна во преговорите за името со Македонија, кои и натаму се во фокусот на грчките медиуми.

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос ја повтори грчката позиција – сложено име, кое ќе важи за сите и ќе биде за севкупна употреба.

– Тоа значи дека не може да биде поинаку од промена на уставното име на соседот и ова, сметаме дека е рамката во која би можело да се најде токму ова заемно прифатливо решение, рече Ѕанакопулос, пренесува МИА.

Заменик-министер за поморство на Грција, Нектариос Санторињос ги повтори грчките позиции за сложено ерга омнес име, објаснувајќи дека „не може да го смениш името за севкупна употреба и за во внатрешноста на земјата, ако не го смениш Уставот“.

Според лидерот на партијата Сојуз на централисти, Василис Левандис, пак, Грција го има загубено спорот со името, со самото тоа што разговара за сложено име со вклучен терминот Македонија.

Левендис, кој е против името Македонија, завчера се сретна со американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат, по што истакна дека Американците се категорични дека ова прашање е завршено.

Дел од медиумните во Атина коментираа дека нацрт спогодбата од грчката страна е подготвена и ќе биде презентирана во Виена, а дел, сѐ уште се работи на неа, а Коѕијас на Димитров ќе му ја претстави во Скопје при патувањето со директен лет од Атина, веднаш штом и во пракса се промени името на скопскиот аеродром. Коѕијас, говорејќи за државната ТВ ЕРТ пред две седмици, рече дека нацрт спогодбата ќе биде готова кон средината на февруари.

Во меѓувреме вчера со интересна идеја излезе градоначалникот на Солун Јанис Бутарис, кој рече дека треба да се размисли за промена на имињата на аеродромот и автобуската станица во Солун, кои го носат името „Македонија“. Како опција за аеродромот го даде името на познатиот грчки кошаркар Никос Галис.

Неговата изјава предизвика бура реакции во грчката јавност. Санторињос напомена дека предлогот на Бутарис не влегува во плановите на грчката Влада, а опозициската Нова демократија му порача да им ја остави дипломатијата на дипломатите.

Бутарис подоцна на вонредна прес-конференција појасни дека неговата изјава била погрешно протолкувана .

– Не предложив, не предлагам и нема да предложам промена на името, едноставно ја изразив мојата загриженост. Она што го кажав и не го одрекувам е дека во ова прашање имаме загубено, 130-150 земји, колку и да се, ја имаат признато земјата под името Македонија. И ние, за жал, со одговорност на грчките влади во последните 25 години, имаме загубено. И ова треба да не загрижува, рече Бутарис на вонредната прес-конференција за медиумите во Солун.