Почна изградбата на Филтер станица во Општина Карбинци

Премиерот Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и градоначалникот на Општина Карбинци Јордан Насев денеска го означија почетокот на градежните работи на филтер станицата. Филтер станицата, која се гради во месноста „Висок врв“ ќе обезбеди вода за пиење од Хидросистемот „Злетовица“ за вкупно осум села во Општина Карбинци.

Спасовски нагласи дека реализацијата на проектот е од витално значење, бидејќи со приклучување на општина Карбинци со хидросистемот Злетовица, трајно ќе се обезбеди решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, особено во летниот период.

-Средствата за реализација на проектот – пречистителна станица Карбинци, во вкупен износ од 105, 3 милиони денари, се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.Со оваа филтер станица, како и со изградбата на филтер станиците за општината Штип и за општина Лозово, ќе се заокружи првата фаза од повеќенаменскиот систем Злетовица, проектиран за снабдување со вода за пиење на 150.000 жители од Штип, Свети Николе, Пробиштип, Карбинци и Лозово, рече Спасовски.

Тој најави дека во тек е и подготовката на втора и третата фаза од ХС „ Злетовица“. Втората фаза опфаќа изградба на систем за наводнување на околу 4.000 хектари земјоделско земјиште, а со третата фаза е предвидена изградба на шест хидроцентрали. Со ова, ќе се заокружи повеќенаменскиот систем Злетовица којшто ќе биде целосно функционален и рентабилен.

-Обезбедувањето на квалитетни услови за живот, меѓу кои најважно е обезбедувањето на чиста вода за пиење во секоја општина, е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Владата на Република Северна Македонија има јасна цел и ја спроведува континуирано реализацијата на вакви капитални проекти во соработка со општините.Тие се од огромна важност за унапредување на здравјето на граѓаните за подобрување на квалитетот на животот и животната средина на граѓаните, но и за развој на земјоделството, бидејќи без вода нема модерно и квалитетно земјоделско производство, вели Спасовски.

Димковски истакна дека со изградбата на Филтер станицата се решава неколкудеценискиот проблем на жителите на Карбинци, кои сега се снабдуваат со вода за пиење од локалните водоводи и бунари.

-Со изградбата на Филтер станицата ќе се овозможи непречено водоснабдување со вода за пиење на населените места Карбинци, Козјак, Аргулица, Таринци, Долни Балван, Нов Карорман и Радање, а во кој живеат околу 3.000 жители или 75 отсто од вкупниот број на жители на Општина Карбинци, вели Димковски.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев истакна дека токму на празникот на општината, Спасовден почнува реализацијата на најкапиталниот проект за жителите на оваа општина. Капацитетот на Филтер станицата е со 40 литри во секунда, а рокот за изградба е март 2021 година.