Полска помош за нашата земја како поддршка во борбата против Ковид-19.

 Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, во улога на национален координатор на странска помош, а во присуство на полскиот амбасадор Војчех  Тицињски, денеска ја прими донацијата која Полска ја обезбеди за нашата земја како поддршка во борбата против Ковид-19.

-Сакам да се заблагодарам во име на Владата до амбасадорот кој лично се заложи со неговиот тим оваа помош да стигне во Скопје денеска. Зборувам за донација од околу 100 илјади маски и 23 палети, тоа се илјадници литри дезинфениенси. Донацијата, тоа му го кажав сега на амбасадорот, е добро таргетирана затоа што во услови кога преминуваме од рестриктивните фази во фазата на лична заштита кога маската и личната хигиена ни остануваат главното оружје сега за борба против вирусот, мислам дека оваа помош е добредојдена, рече на примопредавањето Османи.

Според Османи, ова е континуитет на добрата соработка, бидејќи полската држава помогна и за време на поплавите во 2016 година, имаме билатерални твининзи преку кои соработуваме и, како што рече,  е нормално логична последица дека и во вакви ситуации Полска ќе биде една од државите која што и помага на државата за справување со пандемијата.

Полскиот амбасадор Тицињски, истакна дека поради пандемијата што го зафати целиот свет многу неопходни продукти за заштита и борба со неа недостигаат. Во вакви тешки времиња, како што рече, многу е важна солидарноста меѓу земјите и затоа е логично што Полска сака да им помогне на своите партнери.

-Како пријател на вашата земја на Македонците им помагавме и во минатото како во периодот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Сега на земјата и помагаме и преку Европската унија која издвои дополнителни средства од 160 милиони евра. Во овие тешки времиња наша морална обврска е да покажеме солидарност и да им помагаме на другите, рече полскиот амбасадор.

Полска, додаде тој, постојано и активно ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон европската интеграција. Ова, вели, важи како за политичката сфера, (Полска е еден од најактивните поддржувачи на политиката за проширување на форумот на ЕУ), така и за практичното споделување на нашите искуства од периодот на пристапните преговори со земјите од регионот.