Чулев: АНБ се уште е дел од системот за следење на комуникации

Начинот на кој е формирана Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и неотстранувањето на посредничката улога на АНБ при следењето на комуникациите, говори дека реформите на безбедносниот систем се само замајување на јавноста, а не реални реформи согласно суштинските барања на ЕУ, кои беа предуслов за започнување на преговорите со Унијата и со барањата на граѓаните за демократски и транспарентни безбедносни институции, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

На прес-конференција, Чукев го повика надлежното Јавно обвинителство да го истражи овој сериозен случај и по допрен глас да утврди евентуална одговорност за неспроведување на законот и да утврди, како што рече, која е одговорноста на доскорашното раководство на МВР и на актулените раководства на АНБ и на ОТА во целата ситуација.

Во насока на надминување на констатираната состојба, министерот Чулев испратил писмен акт до диреткрот на ОТА со кој бара од нивната страна во најбрз можен рок да се постапи согласно Законот. Во текот на денот, најави тој, ќе испрати информација до Владата во која се наведени детали за овој проблем

– Кој стои позади фактот дека АНБ се уште го држи монополот во системот на следење на комуникации и дали тоа сценарио е креирано и спроведувано од  одредени политички структури. Агенцијата за национална безбедност се уште е дел од системот за следење на комуникации на начин спротивен на Законот, односно се уште има можност за пристап до сите телефонски разговори кои се предмет на оперативна  обработка од страна на МВР, појасни Чулев.

Според него, од страна на стручните служби на МВР е констатирано кршење на законите каде поранешната УБК, денес Агенција за национална безбедност (АНБ), се уште ја има задржано посредничката улога во системот што се однесува за кривични истраги кои се спроведуваат од страна на МВР. Четири години по првиот извештај на Прибе, рече Чулев, состојбата поврзана со поранешната УБК останува во најголем дел непроменета.

Под успешно имплементирани препораки од Прибе се крие само свесна манипулација на јавноста и меѓународната заедница од страна на одредени политички моќници кои се или биле на високи позиции во безбедносниот систем на државата, истакна Чулев.

Министерот Чулев го праша актуелниот премиер и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски зошто не ги имплементирал законските обврски насочени кон реформи на процесот на следење на комуникациите и зошто и покрај препораките на Прибе не презел активности за отстранување на посредничката улога на АНБ за следење на комуникациите за кривични истраги за кои е надлежно МВР.

До директорот на ОТА, тој упати прашање зошто во пракса не ги применл членовите 2 и 3 од Законот за ОТА и праша дали директорот на АНБ се ставил над законот со тоа што дозволил ваквата состојба да биде до ден денес.

АНБ се уште ја има задржано посредничката улога, а тоа значи, рече Чулев, дека се уште постои техничка можност Агенцијата да има увид во следењето на комуникациите што се спроведувани и во надлежност на МВР.

– Уште повеќе, кон крајот на 2019 година направена е надградба на еден дел на системот и физички е сместен во АНБ и е наменет за МВР, а не е отстранета ова посредничка улога на АНБ, вели Чулев.

Тој ги повика меѓу другите и од Советот за граѓански надзор да кажат дали ја констатирале оваа состојба и дали преземале соодветни мерки.

– Реформата во делот на следње на комуникациите суштински не е спроведна, иако согласно извештајот и насоките на Прибе уште во 2015 година јасно е укажано дека од аспект на техничка опременост УБК го имала монополот над користењето на опремата за следње на комуникациите во разузнавањето и во кривичните истраги односно имала можност да го спроведува и набљудува следењето на комуникациите во свое и во име на правосудната полицијата, при што можела да ја поткопа независноста на водачот на истрагата односно на обвинителот, потенцира на прес-конференцијата министерот Чулев.

Тој додаде дека во моментов не тврди оти АНБ врши незаконско следење на комуникации, но дека спротивно на законот, техничката можност е останата.

– Во овој момент не знам и не тврдам дека АНБ врши незаконско следење на комуникации, но спротивно на законот техничката можност е останата. Тоа треба да утврди Обвинителството, зошто е прекршен Законот и дали можеби има и незаконско следење на комуникации, по нивна истрага. Затоа го повикав Обвинителството да утврди дали ситуацијата на неспроведување на законот за следење на комуникации, зошто досега не се корегирало и каква е состојбата со следење на комуникации, рече Чулев.