Полицискиот синдикат бара награда од 25.000 денари за секој вработен во МВР

Македонскиот полициски синдикат бара од министерот за внатрешни работи да најде начин за да обезбеди парични средства за исплата на награда од најмалку 25.000 денари за сите вработени во Министерството за внатрешни работи.

Во соопштението испратено до јавноста, Синдикатот посочува дека повеќепати досега побарале од министерот поради посебен придонес во борбата со КОВИД-19 на сите вработени во МВР да им биде исплатена награда во висина од најмалку една просечна плата, но оти во ребалансот на буџетот не се обезбедени средства за оваа намена.

– За нас како единствен репрезентативен синдикат на полицијата сумата од 15.000 денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме под итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000 денари. Македонскиот полициски синдикат се надева и на јавна поддршка на ваквото наше барање од причини што сите граѓани на Република Северна Македонија  се свесни за жртвата и посветеноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи во насока на зачувување на здравјето, имотот на граѓаните и јавниот ред и мир во овој период на владеење на светска пандемија од вирусот КОВИД-19, се наведува во соопштението.

Синдикатот апелира до сите вработени во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансова полиција да продолжат со посветеното и пожртвувано извршување на службените задачи, а, како што велат, на синдикатот да ја остават борбата за сите нивни права од работен однос.