Институтот за трансфузиона медицина денеска пушти во употреба нов клеточен сепаратор за плазмаферза. Овој апарат, институтот го набави од сопствени средства и периодов ќе се користи за донирање конвалесцентна плазма.
-Во време кога сѐ уште се соочуваме и се бориме со Ковид-19, апаратот ќе се користи за донирање на конвалесцентна плазма, а по завршување на пандемијата ќе се користи за донирање стандардна плазма и тромбоцити. Конвалесцентна плазма може да дарува лице кое има оздравено од коронавирусот. Со клеточниот сепаратор, значително ги зајакнуваме капацитетите на нашиот Институт, истакна директорот на Инстутот за трансфузиона медицина, Седула Усеини.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, излекувани се пет пациенти со крвна плазма.
-Задоволен сум што целиот труд, мерки, грижа на здравјето на пациентите даваат резултати. Сите јавно-здравствени установи се на ниво на задачата. Покажавме стручност, спремност и мобилизираност за заштита од оваа непозната болест. Поради сето ова, не го оптоваривме нашиот здравствен систем. Имаме поголем број излекувани пациенти, отколку на заразени. Да продолжиме да ги применуваме препораките. Голема благодарност до сите оздравени пациенти кои донираа крвна плазма. Упатувам апел до сите што можат да донираат да го сторат тоа. Да спасиме човечки живот и да ја надминеме оваа здравствена криза. Пациентите можат во секое време да го контактираат Институтот за начинот на донирање, потенцираше министерот за здравство Венко Филипче.
Од Институтот информираат како заинтесираните можат да дарува конвалесцентна плазма.