Три типа на парична поддршка за младите во Северна Македонија со цел нивно полесно прилагодување на новата реалност, преку одржување на нивото на ученичкиот и студентскиот стандард, како и на куповната моќ, предвидува третиот сет мерки на Владата за поддршка на стопанството и граѓаните во услови на вонредна состојба предизвикана од ширењето на вирусот КОВИД-19, напиша вечерва на Фејсбук премиерот Оливер Спасовски.
-Ваучер во еднократен максимален износ до 6.000 денари наменет за студенти и средношколци од семејства со ниски примања. Средствата ќе се користат исклучиво за покривање на партиципација за студирање на универзитетите и за сместување во ученички домови, студентски домови и во регистрирани приватни сместувачки капацитети. Домашна платежна картичка со расположлив износ од 3.000 денари, за купување на домашни производи и услуги во одредени услужни дејности кои се најпогодени од кризата. Ваучер во максимален износ до 30.000 денари, за млади до 29 години, за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини, пишува премиерот Спасовски.