Советот на ЕУ попладнево го одобри пакетот финансиска помош за десет соседни земји, меѓу кои и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Пакетот помош изнесува над три милијарди евра макрофинансиска помош за земјите од Западниот Балкан, плус Грузија, Јордан, Молдавија, Тунис и Украина.
Северна Македонија треба да добие 160 милиони евра помош. Најголем износ е предвиден за Украина, со 1,2 милијарди евра.
Помошта земјите ќе ја добијат во облик на заеми под поволни услови за да се справат со најитните последици од кризата со коронавирусот.
– Заедно со Меѓународниот монетарен фонд, овие фондови ќе помогнат да се зајакне макрофинансиската стабилност и да се создаде простор да се овозможи овие ресурси да бидат насочени кон заштита на граѓаните и ублажување на негативните социоекономски последици од пандемијата на коронавирусот, соопшти Советот на ЕУ.