Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека има простор за разговори со опозицијата за датум за предвремени парламентарни избори се до завршувањето на вонредната состојба во следните седум до десет дена, но доколку не се изнајде решение потоа ќе мора да се почитуваат уставните одредби и законските рокови и да се оди на избори, на коишто тој е убеден дека ќе победи.
– Сакаме да бидеме флексибилни. Сакаме да учествува опозицијата. Номиниравме дека не сме врзани за 21 јуни, сакаме во овој период на првиот бран на паѓање на кризата да излеземе на избори. Сакаме дијалог, сакаме договор, но ако нема договор не можеме со сила ние да натераме и другите страни да постигнат договор односно да одат на избори. На крајот сите поднеле листи и се кандидати на изборите, и изборите треба да се одржат не заради тоа што ние од СДСМ сме седнале и мислиме дека треба да има избори, туку заради тоа што законот тоа го пропишува, Уредбата со законска сила и Изборниот закон, рече Заев на прес-конференција пред партиското седиште.
Според Заев, бојкот на изборите не може да има бидејќи кандидатските листи веќе се прифатени, а е извршено и жребувањето. Прашање е дали некој ќе бојкотира кампања, рече Заев, потенцирајќи дека СДСМ не сакаат никој да ја бојкотира кампањата.
Според него, на вчерашната лидерската средба за терминот 21 јуни тие добиле поддршка од ДУИ, од ДПА и од БЕСА. Алијансата на Албанците и Алтернатива предложиле избори на 26 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ на 23 август, 30 август или 6 септември, но поради продолжениот викенд, бил предложен 13 септември.
Лидерот на СДСМ го повтори ставот дека не е добро да има избори на крајот на август или почетокот од септември поради можноста за следен пик од коронавирусот. Посочи на извештаите на Комисијата за заразни болести и на СЗО, како и на изборите кои ќе се одржат во соседните земји како Србија, а потоа и Хрватска.
-Имаме плус аргументи зошто треба да одиме на брзи избори, рече Заев кој повтори дека не би сакал со одлагање на изборите за август или септември, па дури и декември, земјата да се доведе во ситуациија на нова политичка криза.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сакаат да ги одолговлекуваат изборите бидејќи се плашат од изборен пораз.
– Изборите тие ќе ги изгубат не поради Заев, туку поради сопствената политика и неквалитетни кадри, рече лидерот на СДСМ.