Мицкоски: Предложивме три термини, 23 и 30 август, како и 13 септември – приоритет останува здравјето на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ на денешната лидерска средба во вила Водно предложила три термини за одржување на предвремените парламентарни избори: 23 и 30 август, како и 13 септември. Овие термини, како што изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски по средбата, не се фиксни, туку зависат од состојбата – најоптимален би бил оној кога би била и најмала опасноста од коронавирусот по здравјето на граѓаните.

Мицкоски изрази надеж дека нема да има, како што нагласи, едностран акт на насилство од неколку партии во однос на одредувањето датум за избори. Очекува постигнување консензус со што ќе се потврди дека на партиите им се најбитни граѓаните, а не политичкиот интерес. Да ја напуштиме политичката логика и да се повикаме на логиката на граѓаните, на државноста и да го следиме развојот на панедмијата, порача Мицкоски.

Тој се пожали на извештајот од Комисијата за заразни болести која, рече, доставила многу бледо, некомплетно и нецелисходно соопштение во кое се наведени веќе постоечките заштитни мерки и  препораки, а во неа има и член кој е кандидат на СДСМ за пратеник.

Истакна и дека на лидерската средба претседателот на СДСМ Зоран Заев поставил ултиматум, а тоа е нешто под кое ВМРО-ДПМНЕ, напомена, не работи, ниту носи одлуки. Од трите предлози, потенцира Мицкоски, остануваат оние кога здравјето на граѓаните ќе биде најмалку во опасност.

– Цениме дека кон крајот на август и почетокот на септември вирусот ќе има најмал интензитет и тогаш здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено во опасност. Дадовме предлог датуми, но велиме дека од овој момент натаму ќе ја набљудуваме состојбата и врз основа на неа ќе се произнесеме, напомена Мицкоски, додавајќи дека е многу битно да биде обезбедена и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Мицкоски уште еднаш повтори дека ВМРО-ДПМНЕ има единствен приортет – заштита на здравјето на граѓаните.

Според него, август или септември се најоптимални рокови и за да и се остави време на Владата „да се размавне“’, да ги спроведе економските мерки како оние што беа соопштени вчера.

– Да и дадеме можност на Владата да се размавне и ние како опозиција да ја поддржиме, да ги подготвиме протоколите и да ги заштитиме граѓаните, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски информира и дека на лидерската средба имало многу правни дилеми кои биле елаборирани.

ВМРО-ДПМНЕ го ставила на маса и повторното ажурирање на списокот за гласањето на дијаспората со оглед дека досега некои од избирачите навршиле 18 години.

Мицкоски пред изјавата им се извини на граѓаните што на лидерската средба наместо за мерки за превенција се зборувало за избори кои би го ставиле, како што рече, во опасност здравјето на луѓето.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *