Македонскиот дипломатски синдикат бара од Владата да влијае на постапувањето на министерот и неговиот кабинет, како најитно би престанала харангата против неговите членови и дел од раководството на МДС.
Во МНР последната година “врие” од пресметки со “неподобните”. На сила и незаконски, со фалсификувани факти, им се суди на најквалитетните млади дипломати, докторанди и магистри. Притоа, се злоупотребуваат наши колеги кои се принудуваат или се корумпираат, како би покренале дисциплински постапки против своите колеги со кои го делат лебот.
Имавме и арбитрарно бркање од работа на тројца колеги, кои Судот ги врати на работа, а триесетина дипломати, од кои некои и со највисоки звања и врвни кариери, се деградирани и понижувани, додека платите и придонесите им се намалени без никакви дисциплински постапки. Туку така, според нечиј ќеиф.
Како синдикат, речиси година дена го креваме гласот против многубројните неправди и злоупотреби на службената должност, но не гледаме подобрување. Молкум, упорно се спроведува праксата на застрашување, додека куќата неповратно тоне во реваншизам и од министерот наметнати поделби на “ваши” и “наши”. Како никогаш до сега во историјата, против МНР е поднесен голем број лични тужби од страна на вработените пред суд, а оспорен е и неславниот Етички кодекс пред Уставниот суд.
Го повикуваме министерот да се вразуми и да престане со шиканирање на вработените. Во МНР како една од елитните државни институции не смее да има ни помисла за авторитарно владеење, а не пак негово драстично практицирање. Министрите доаѓаат и си заминуваат, но штетата што како најодговорни луѓе во институцијата можат да ја направат нема да можат да ја поправат повеќе генерации. Дали е навистина успех за еден министер зад себе да остави руинирана и длабоко поделена дипломатија?
Што е многу, многу е!
Македонски дипломатски синдикат