Советот на амбасадори апелира да се земат предвид здравствените последици врз населението кога се договараат изборите

Здружението  „Совет на Амбасадори“ и натаму со внимание ги следи состојбите во справување со коронавирусот во земјата и регионот особено и партиските активности поврзани со организирањето на предвремените парламентарни избори.

Советот изразува жалење што политичките партии не го прифатија минатогодишниот повик на Советот, земјата наместо на предвремени да се оди на редовни избори, поради обврските кои произлегуваат од евроинтеграцискиот интегративен процес.

Свесни за сеуште присутните неизвесности во борбата против коронавирусот, дека тој сеуште не е победен и секојдневно одзема човечки животи, партиите, во нивните игри околу оддржувањето на предвремените парламентарни избори, треба многу сериозно и внимателно да ги земат во предвид здравствените последици врз населението од ваков неодмерен потег, а кој може да биде и причина за ерозија на целиот здравствен систем.

Советот на Амбасадори уште еднаш го афирмира својот претходно изразен став дека финансирањето на политичките партии од буџетот на државата, особено огромната милионска сума доделена за предизборни активности во време на можна длабока економска криза на државата и населението поради последиците од коронавирусот, е преголем луксуз дотолку повеќе што земјата и натаму очекува сериозна подддршка од меѓународната заедница.

Совет на амбасадори во оваа насока ги поддржува ставовите на Претседателот Стево Пендаровски и смета дека политичките партии кон ова прашање треба да пристапат покрај од правен, и од морален аспект и самите да се откажат од непотребното и противуставно трошење на парите од џебот на граѓаните.

Совет на Амбасадори го повикува Уставниот Суд по службена должност да покрене иницијатива за уставноста на Законот за финансирање на политичките партии и истовремено да донесе времена мерка за неизвршување на Законот сé до конечна одлука.