Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими Васил Стерјовски, пратеник со македонско потекло од политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција во Собранието на Република Албанија, соопшти кабинетот на шефот на државата.
На средбата, на која Стерјовски бил, придружуван од Таќо Гроздани, генерален секретар на партијата, се разговарало за актуелната состојба со пандемијата на КОВИД-19, начинот на справување во Албанија, како и во регионите каде живее македонско население во земјата.
Соговорниците го информирале претседателот Пендаровски за тековните активности на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија во насока на унапредување на положбата на Македонците во Албанија, како и односите меѓу двете земји.
Претседателот Пендаровски констатирал дека Северна Македонија и Албанија имаат одлична соработка, а оти работата на Македонската алијанса може да придонесе кон унапредување на релациите, како и поврзување на заедниците во двете земји.
Покрај добрите соседски односи, двете земји сега имаат проширена можност за соработка како членки на НАТО, како и размена на искуства во европската интеграција.