Комисијата за заразни болести изработи Протокол за целокупниот изборен процес од предизборните активности до денот на гласањето. Задолжително ќе биде носењето на заштитна маска, држењето на физичка дистанца, честата дезинфекција на рацете и проветрувањето на просториите.
Министерот за здравство Венко Филипче очекува сите политички субјекти да ги почитуваат одредбите од Протоколот.
– Овој протокол беше едногласно поддржан од сите членови на Комисијата за заразни болести и тој мора да се спроведува целосно, без исклучоци за да се заштити здравјето на граѓаните. Сите лидери на политичките партии на лидерската средба се изјасниле дека здравјето на граѓаните е на прво место и затоа очекувам дека сите партии, нивните членови и учесниците во изборниот процес ќе го почитуваат овој Протокол. Протоколот произлегува од генералните препораки за заштита на граѓаните од Ковид 19 кои во овој момент се на сила и ќе останат во сила и во наредниот период, рече Филипче на денешната прес-конференција во Владата.
Протоколот, како што рече Филипче, е направен на барање на претседателот на државата, како резултат на заклучоците од последната лидерска средба. Во Протоколот не е наведено кога ќе се одржат изборите, тоа е нешто што ќе го договорат лидерите на средбата кај претседателот.
Дополнително, Протоколот предвидува мерки и ограничувања кои прецизно го регулираат начинот на кампањата, партиските активности и собирите. Составен е од четири дела во кои се опфатени предизборните активности, спроведувањето на кампањата, одржувањето на партиските состаноци и денот на изборите.
На денот на изборите, сите членови на избирачките одбори и набљудувачите мора да носат заштитна опрема, да седат во простории со отворени прозорци или често да ја проветруваат просторијата. На секое избирачко место мора да има средства за дезинфекција, а гласачите да бидат на растојание од два метри и пред да влезат на гласање да ги дезинфицираат рацете. Маската треба да ја тргнат кратко само заради идентификација, а по гласањето повторно треба да направат дезинфекција на рацете.
– Во просторијата никогаш да нема поголем број на гласачи од боксовите за гласање. Доколку постои можност, за што треба да се консултира ДИК, се препорачува зголемување на времето на гласање за два часа за да се избегнат поголеми гужви, истакна Филипче.
Во предизборниот период се препорачува сите активности да се одвиваат со почитување на физичката дистанца од еден ипол до два метри, задолжително носење заштитна маска на устата и носот и задолжително често миење на рацете.
При одржување на собирите, препорака е да се почитуваат сите овие мерки, да се води сметка за бројот на учесници и да се користат разгласни уреди за да се избегне поголема концентрација на луѓе на едно место. Кампањата „врата на врата“ да се реализира со заштитна опрема и физичка дистанца и да не се влегува во домаќинствата, туку само до врата или двор.
Партиските состаноци да се одвиваат на отворено доколку има можност за тоа, а во затворени простории да се почитуваат општите препораки за заштита и да се останува најмногу два часа по што треба да се изврши проветрување. Мобилните штандови за рекламен материјал да немаат повеќе од двајца активисти на еден штанд, а партискаиот превоз да се одвива со средствата за јавен превоз со максимум 50 проценти пополен капацитет. Притоа, задолжително е носењето заштитна маска, а превозниците треба да обезбедат средства за дезинфекција.
Протоколот ќе биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски и до премиерот Оливер Спасовски.
Во однос на состојбата со вирусот, Филипче потврди дека бројот на заболени е значително намален, епидемијата е под контрола и оти сите фактори се позначајно подобрени во однос на почетокот.
– Сега сме во фаза кога ги гледаме добрите ефекти на силните рестриктивни мерки. Се наоѓаме во последните недели на вообичаеното траење на респираторните епидемии, фаза во која не работат школите и градинките и имаме затворени граници – фактори кои придонесуваат да имаме мирен период, но треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне во подолг временски период. Такви се предвидувањата, сликата ќе се смени дури откако ќе се пронајде вакцијата и периодот на стекнување на колективен имунитет, рече Филипче.