Одлуката за патувања на фунционерите во странство е само за настани поврзани со коронавирусот

Владината одлука за патувањето на избрани и именувани функционери во странство е за да се изготват протоколи со цел да можат да присуствуваат на настани што ќе се оддржуваат во регионот, а ќе се однесуваат на коронавирусот, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со наводите дека избраните и именувани функционери по патување во странство нема да бидат во задлжителен државен карантин, Спасовски кажа дека со таквите тврдења се дезинформира  јавноста и се прави тема од нешто што го нема.

– Прво нема никаква одлука дека нашите државјани не можат да ја напуштат земјата. Второ, одлуката за протколите е да се изготват за да можат функционерите да патуваат пред се за одредени  настани во регионот кои  ќе се однесуваат на коронавирусот, истакна Спасовски во изјавата за медиумите по сведочењето во судот за случајот за организаторите на насилставата во Собранието на 27 април.

Тој посочи дека на вчерашната прес-конференција најавил дека постои посебен протокол, кој предвидува каква заштитна опрема треба да носат при излегувањето, во текот на престојот таму и при враќањето. Се прецизираат, рече, точно утврдени протоколи што се треба да се направи за да може да не бидат задржани во карантин бидејќи одредени функции треба да се остваруваат и после враќањето.

На прашањето дали ова не е диксриминаторска одлука, со оглед на тоа што граѓаните ако излезат во странство, при враќањето треба да бидат во карантин, Спасовски рече дека „нема никаква дискриминација, дека може да се прават приказни, но оти фактичката состојба се одлуките“.

Во врска со одлуката за олабавување рестриктивните мерки, премиерот истакна дека била донесена врз основа на анализата направена во Комисијата за заразни болести.

– Има осцилации што се јавуват. Според епидемиолозите, тоа се нормални осцилации кои  настануваат при крајот на епидемијата. Знаете дека веќе влегуваме во 11 – 12 недела од почетокот на епидемијата, меѓутоа, сепак, треба сите заедно да бидеме  длабоко одговорни и во однос на маските и во однос на одржување на дистанцата и да овозможиме оваа ситуација да се одржи на ваков начин, а така да помогнеме и на општеството, на економијата, на институциите, рече премиерот Оливер Спасовски.