Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК) денеска реагира за расределбата на средствата од буџетот на Република Македонија, преку Министерството за култура на име за проекти, на кои конкурираат организации од граѓанскиот сектор. Исто така синдикалците бараат и продолжување на преговорите за потпишување на Колективниот договор.
Во соопштението, СОНК реагира на, како што се наведува, нефукционалното трошење државни пари, обезбедени преку Министерството за култура за дел од проектите кои со ништо не ја отсликуваат, презентираат или воздигнуваат културата во Република Македонија. Според СОНК, дел од проектите се сомнителни во оправданоста да бидат одобрени преку Министерството за култура, како и проекти кои се поднесени од членови на комисии и кои одлучуваат за доделување на средства за туѓи, но и за свои апликации.
– Огромно е разочарувањето кај културните работници кои се вработени во установите од културата, а кои реално се едни од најслабо платените работници во јавниот сектор и очигледно се заборавени од страна на државата. Се чини дека Министерството за култура не е заинтересирано да го потпише и имплементира Колективниот договор за култура, со тоа и да се надмине проблемот со различните плати во оваа дејност, воедно и да се подигне висината на платите на ниво со кое што на културните работници ќе им се врати достоинството на нивната професијата, стои во соопштението.
СОНК апелира до Министерството итно да продолжат преговорите за потпишување на Колективниот договор, како и обезбедување на средства за негова имплементација.
– Во спротивно на сите ќе ни биде јасно дека државата нема интерес за подигнување на социјалниот статус и мотивираноста на работниците во една од најзначајните дејности во државата, што е обележје на вековното постоење и културно воздигнување на народите што живеат во Република Македонија, се наведува во соопштението од СОНК.