Економска и евроатлантска поддршка за Македонија од Турција

Економска соработка, зголемување на трговската размена на една милијарда евра како и поддршка во евроатланските аспирации на Македонија е резултатот од вчерашната официјална посета на владина и парламентарна делегација на Македонија предводена од премиерот Зоран Заев на Република Турција.

На средбата со турскиот премиер Бинали Јилдирим, Заев побарал  Владата на Турција да размисли за овозможување квоти за Македонија, за извоз на телешко и јагнешко месо, како што е тоа овозможено за БИХ и Република Србија.

– Лоциравме дека во енергетиката, земјоделството, индустријата, градежништвото и инфраструктурата, но и во одбраната и безбедноста, постојат и интерес и потенцијали да се продлабочи соработката и на тоа ќе работиме во претстојниот период, истакна Заев.

Според премиерот Јилдирим, расте интересот на инвеститорите од Турција за инвестирање во Македонија и нагласил дека има можности за продлабочување на соработката до трговска размена од една милијарда евра. 

Задоволство што повторно е воспоставена соработката на највисоко премиерско ниво, после три години, меѓу двете земји изразил и претседателот на Парламентот на Турција, Исмаил Кахраман. На средбата со Заев тој нагласил дека Турција продолжува силно да ја поддржува Република Македонија во НАТО и ЕУ интеграциите и упати покана преку премиерот Заев, до претседателот на Собранието на Македонија за парламентарна посета на Турција.

Силна поддршка во процесот за решавање на спорот со Грција вчера даде и претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган на средбата со премиерот Заев, при што оцени дека тоа е добро за Балканот и за евроатлантските перспективи на Република Македонија.

Заев и Ердоган констатирале дека двете пријателски земји имаат потенцијал за унапредување на економската соработка преку зголемување на турските инвестиции како и преку нови иницијативи од страна на Македонија.

Претседателот на Турција, Ердоган, ја поддржал иницијативата од премиерот Заев за зголемување на квотите за извоз на телешко и јагнешко месо во Турција и изразил поддршка и охрабрување на турските бизнисмени за инвестирање во Македонија.

Заев потенцирал дека за граѓаните на Македонија е многу важна секоја активност и инвестиција којашто влијае на покачување на животниот стандард и отвора нови работни места во Македонија и во таа насока му се заблагодарил на претседателот Ердоган за развојот на економските односи, како и за поддршката од Турција за членство на Македонија во НАТО и ЕУ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *