Локалниот економско-социјален совет и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска одржаа работна средба со претставници од стопанството.
На средбата, како што информираат од општината, присуствувале претставници од бизнис секторот од градот, двата синдикати, Сојуз на синдикати и Конфедерација на слободни синдикати и претставници од Центарот за вработување.
– На средбата се дискутираше за состојбата, во која се наоѓаат бизнис компаниите во овој период, како и за активности и мерки што се предвидуваат во периодот што следува. Градоначалникот упати благодарност до сите компании, кои преку своите донации, допринесоа за полесно справување на општината со корон авирусот, посочуваат од општината.
Претходно, Куманово како дел од мерките за олеснување на бизнис заедницата, поради состојбата со Ковид 19 го укина надоместокот за времено користење на градежно неизградено земјиште, согласно програмата за уредување на градежно земјиште на подрачје на Куманово, што значи дека угостителите, сопственици на други правни субјекти до крајот на годината нема да плаќаат за користење на летни бавчи.
Воедно, Општина Куманово ја намали и висината на комуналната такса за фирма, односно назив за деловна просторија од 6.000 на 4.000 денари. Како што претходно информираа од секторот за даноци нема да се испраќаат опомени и нема да се врши присилна наплата се додека трае вонредната состојба .