Онлајн панел-дискусија на тема „Општествата во време на кризи: причини и последици“

Многу погрешивме што во решавањето на светскиот проблем на пандемија од коронавирусот се одлучивме да одиме во продолжување на мандатот на техничката влада. Распуштено Собрание, немаме јаки инстиуции и сакаме сите проблеми да ги реши полицијата и техничката влада.

Ова е мислење на амбасадорот Мухамед Халили, кој учествуваше на денешната онлајн панел-дискусија „Општествата во време на кризи: причини и последици“ во организација на Европско движење (ЕММК) и Делегацијата на Европската Унија во земјава.

– Во време кога луѓето немаат од што да егзистираат, кога сите семејства се под закана од корона, ако одредени слоеви на општеството сакаат да профитираат и да уживаат во благодетите на парите тоа не е баш ниту демократија, ниту одбрана на човекови права и слободи, рече Халили, изразувајќи ја разочараноста од активирањето на Уставниот суд за решавање на проблеми кои, како што рече, се исклучиво во профит на добрата живеачка на судиите.

Тој смета дека тоа што Владата презела мерки како полициски час или од време на време донесување на уредби за карантин тоа е се во склоп на борбата против злото и така треба да се сфати. Не треба, додава тој, кога се бориме со злото да се повикуваме на човекови прави.

– Оваа состојба целиот свет, вклучувајќи ги и најразвиените земји ги затекна неспремни. Посебно неспремен беше здравствениот сектор во сите земји. Луѓето не знаеја со што и зошто се борат и со какви средства. Затоа голем број на починати луѓе се за жал тие што требале да го чуваат нашето здравје, медицинските лица кои покажаа најголемо херојство и највисок степен на морал, посочи Халили.

Според професорот Константин Миноски од Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје ќе остане дилема зошто светот не реагирал кога проблемот со коронавирусот се појави во Кина.

– Ако таму се реагираше на време ќе се добиеше повеќе време за подготовки и справување насекаде во светот. Поголема дилема е зошто потфрли системот во ЕУ. Веднаш се кренаа граници, порестриктивни мерки, многу малку се остави на совеста на граѓаните дали ќе ги прифатат мерките. Ако зборуваме за солидарност недостасува солидарност на светско ниво. Институциите на светско ниво ОН, ЕУ и други несоодветно реагира на првите знаци на оваа падемија без оглед што станува збор за непознат вирус. Првично да речеме дека основата е некоја недовреба меѓу државите, институциите, организациите итн. што резултираше на крај со многу контрадикторни препораки од СЗО, веќе тука почна да се губи, носете маски па не носете итн., смета Миноски.

Тој забележа дека процесот на транзиција за цела Југоситочна Европа е процес на транзитирање на опшеството од еден систем во друг без да се градат институции. Кај нас, вели Миноски, наместо да се развиваат институциите голем дел од нивната улога на некој начин е пренесена на невладиниот сектор, додавајќи дека тој сектор не може да ги замени институциите.

Според Миноски справувањето на нашата земја со коронавирусот не може да се спореди со поразвиените земји поради тоа што, како што вели, ние не сме во фокус на туризам, на прилив на бизнис па да бидеме преплавени со туристи, бизнисмени, комапнии, студенти…Ние, како што посочи, сме негде на маргина, имаме мал број работници..

– Од една страна тоа ни е да кажеме одредена предност за да може да се справиме, но како се справуваме со ситуацијава е повеќе на случајност, на среќа и на висока одговорност на граѓаните. Ако граѓаните не ги почитуваа мерките ние немаше да поминеме со вака мал број на случаи, нагласи Миноски, додавајќи дека ако на време се реагираше немаше потреба од вакви рестриктивни мерки.

Тој заклучи дека за да може уште поуспешно да се справуваме тука е прашањето на довербата во институциите. Она што е впечаток, вели тој, е дека онаму каде има поголема доверба во институциите полесно се справуваат со кризите.

Професорот на Медицински факултет Моме Спасовски вели дека е позитивно изненаден од нашиот здравствен систем и од мерките што се преземаа.

– Добро се справуваме, имавме смртни случаи за жал, но гледаме и во многу развиени земји дека умираа луѓе. Проблем за сите земји е, на некој начин нашите експерти честопати дискутираа дека ние правејќи ги мерките одвеме да го спречиме колапсот што се случи во здравствениот систем во Италија, Шпанија…Мислам дека полека излегуваме од овој паднемиски бран, додаде Спасовски.