Улогата на полицијата во спроведување на одлуките и мерките на владината стратегија за запирање на ширењето на вирусот, е огромна и од исклучителна важност. Посебно охрабрува дека навистина сме ги донеле правилните одлуки, за што деновиве говорат и бројките на намалени случаи на заболени. Особено сум горд што ова е успех и на воспоставените норми и концепт за Јавниот мир и безбедноста, како гаранција за заштита на човековите права и слободи. Ова во видео обраќање го изјави премиерот Оливер Спасовски по повод 7 Мај Денот на полицијата и безбедноста.
Спасовски во видео пораката во чест на 7 мај истакнува дека оваа година овој ден се одбележува во вонредна состојба заради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот.
– Овој успех е резултат и на воспоставената силна институционална свест и структура како брана против сите тенденции на корумпирање на безбедноста и против ставање на полицијата во функција на злоупотребата и незаконито работење, како што беше до пред три години. Во таа насока, еден сериозен и значаен дел од енергијата и мерките од реформите беа посветени примарно на генералното подобрување на материјално техничките услови за работа токму на оние од кои што зависи спроведувањето на правото и законите – а тоа е полицијата, рече Спасовски.
Посочува дека во реализирање на реформите се воделе од фактите дека интегритетот, опременоста и статусот на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен.
За постигнатото, како што вели Спасовски, најдобро сведочат домашните и меѓународните анализи и истражувања кои потврдуваат дека Северна Македонија воспоставува професионална и стручна полициска служба која што е определена да биде реален и доверлив сервис на граѓаните.