Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска преку видео-конференција ќе учествуваат на Самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој оваа година се одржува во организација на Република Хрватска како актуелен претседавач на Европската Унија.
На самитот, како што соопшти владината прес-служба, лидерите на земјите членки на Европската унија и лидерите за земјите од Западен Балкан ќе дискутираат за соработката за справување со коронавирус КОВИД-19 и последиците од него, европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.
-Во официјалната комуникација на Европската Комисија во врска со Самитот ЕУ и Западен Балкан, се истакнува дека регионот е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за Европска унија, и се нагласува дека европската перспектива на целиот регион беше потврдена повторно во март оваа година, кога земјите-членки ги одобрија предлозите на Комисијата за зајакната методологија за пристапниот процес и донесоа одлука за отворање на пристапните преговори со Република Албанија и Република Северна Македонија. Тоа е од клучна важност за Европската унија да продолжи со поттикнување на стабилноста и просперитетот на овој регион и се потпира на заеднички стратешки интереси на земјите од Западен Балкан и на земјите членки на ЕУ, се вели во соопштението од Владата.
Согласно агендата на Самитот, лидерите од шесте земји од Западен Балкан ќе разменат мислења за новата фаза на тесна соработка за решавање на најзначајните социо-економски последици од здравствено-економската криза со КОВИД-19, за важноста на регионалната соработка, како и за тоа како најдобро да управуваат со безбедносните предизвици за Европа и за регионот.
На годинашниот Самитот ЕУ-Западен Балкан Загреб 2020, покрај шефовите на држави и влади од Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Република Северна Македонија и Косово, ќе учествуваат и шефови на држави и влади на земји членки на ЕУ, а со самитот ќе претседаваат претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Во работата на Самитот ќе учествуваат и Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска, Јосеп Борел, високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Дејвид Сасоли, претседател на Европскиот парламент, како и претставници на Европската банка за обнова и развој, на Светската банка, на Европската инвестициска банка и на Регионалниот совет за соработка.